Мажот кој во вторникот вечерта на главната железничка станица во белгиската престолнина Брисел предизвика експлозија е 36-годишен Мароканец, а багажот кој експлодирал „содржел клинци и плински бови“, објави во средата белгиското федерално обвинителство.
„Вчера во 20,39 часот еден маж влегол на централната железничка станица. Го дофатил својот куфер извикувајќи и активирајќи делумна експлозија. Човекот потоа почнал да бега,а багажот експлодирал уште еднаш многу посилно. Содржел клинци и мали плински бови“, појасни портпаролот на белгиското обвинителство на прес-конференцијата.
Станува збор за марокански државјанин на 36-годишна возраст, кој никогаш претходно не бил осомничен за врски со тероризам, соопшти обвинителството.
Портпаролот Ерик Ван Дер Супт изјави на прес-конференцијата дека станува збор за лице со иницијали О,.З, како и дека е извршен претрес во неговиот дом во бриселскиот кварт Моленбек. Мажот не носел експлозивен појас, како што претходно се шпекулираше. Извикувал „Алаху Акбар“ (Господ е голем) на арапски јазик, пред да биде застрелан од воената патрола.