Холандската полиција објави дека мажот кој во петокот нападна со нож и тешко повреди две лица на главната железничка станица во Амстердам е 19-годишен Авганистан со дозвола за престој во Германија.
Полицијата објави дека напаѓачот околу пладнето неселективно ги бирал своите жртви во преполната сала на амстердамската железничка станица. Застрелан е и полицијата го пренела во болница каде што е испрашуван, објавија Градскиот совет на Амстердам и полицијата во заедничко соопштение.
„Во тек е истрагата за инцидентот… Се разгледуваат сите сценарија, вклучително и тероризам“, истакнуваат властите.
Холандската полиција претходно седмицава уапси 26-годишен маж за кој постоеле сомневања дека ќе го нападне лидерот на крајната десница Геерт Вилдерс кој најави дека ќе објави конкурс во цртање карикатури на пророкот Мухамед. Според исламот, секое претставување на ликот на пророкот претставува ерес, а во минатото се случија и неколку крвави атентати во врска со слични објави.
Вилдерс во четвртокот го откажа конкурсот поради безбедносни причини. Во Пакистан илјадници луѓе организираа марш поради неговата идеја, а талибаните во Авганистан повикаа да бидат напаѓани холандските војски кои во оваа земја служат во составот на НАТО.