„Напишавме историја“, изјави портпарол на талибанците, откако САД објавија дека ја завршиле евакуацијата на своите сили од Авганистан.
„Повторно напишавме историја. Дваесет години окупација на Авганистан од страна на САД и НАТО завршија вечерва. Многу сум среќен што по 20 години џихад, саможртви и тешкотии, можеме да уживаме во овие историски моменти”, објави на Твитер Анас Хакани, портпарол на талибанско движење.
Неколку часа по заминувањето на последниот американски војник од Авганистан и главниот портпарол на талибанците Забихула Муџахид на пистата на аеродромот во Кабул им ја честиташе победата на Авганистанците. – Поздрави за Авганистанците..Оваа победа ни припаѓа на сите, порача тој.
Муџахид уште рече дека талибанците сакаат добри односи со САД и светот.
Последниот лет го изведе воен транспортен авион Ц-17, кој полета од меѓународниот аеродром Хамид Карзаи една минута пред полноќ по локално време (во Кабул), кога и заврши рокот за евакуација..
Во авионот беа американски војници, нивниот командант и американскиот амбасадор Рос Вилсон, кој зад себе остави затворена амбасада, која некогаш беше преполна со стотици дипломати. Претходно беа евакуирани повеќе од 123.000 странци и Авганистанци кои избегаа од ултраконзервативните талибанци.
Последниот лет се реализираше под строги безбедносни мерки и по два напади против двонеделната операција за евакуација спроведени од терористичката Исламска држава, при што, во едниот од нив загинаа повеќе од 100 луѓе, вклучително и 13 американски војници.
Претходно оваа година, американскиот претседател Џо Бајден го постави 31 август како краен рок за повлекување на американските сили од Авганистан.