Напладне протест пред Влада против изградба на Казандол

Во петокот точно на пладне, граѓани од југоисточниот дел од земјата најавуваат дека ќе се соберат на протесен марш н акојшто заедно во еден глас ќе порачат дека во Македонија нема место за рудници со отворен коп.

Оваа реакција на граѓаните доаѓа по неколку месеци молк од Владата предводена од СДСМ, којашто особено во екот на кампањата за локалните избори вети дека рудниците нема да се градат, а досега не е преземен ниеден чекор за запирање на нивните активности.

Активистите од Валандово извесно време на социјалните мрежи објавуваат фотографии од забрзаната изградба на рудникот во Казандол. Велат дека се чувствуваат разочарано и предадено поради тоа што Владата се уште не направила ништо за да запре изградбата на овој рудник.

На објавените фотогафии од Валандово од пред еден месец може да се забележи фолијата којашто наводно треба да спречи продор на отровите и тешките метали во почвата и водата. Раководството на рудникот „Казандол“ ова го најавуваше како голема гаранција дека жителите нема потреба да стравуваат дека нивното здравје и природата ќе бидат засегнати. На фотографиите се гледа дека фолијата има големи дупки и засекотини и не оддава впечаток на безбеден метод за заштита од продорот на отровите во почвата и водата.