Водечкиот Наполи ја совлада Верона со 2:0 (1:0) на домашен терен во последниот неделен натпревар од 20. коло на италијанската Серија А и ја продолжи победничката серија.
Избраниците на Антонио Конте го започнаа патот до петтата последователна победа во 5. минута, кога Џовани Ди Лоренцо ја погоди стативата со удар од работ на шеснаесетникот, но одбиената топка го погоди гостинскиот голман Лоренцо Монтип и заврши во мрежата. Водството на Наполи во 61. минута го удвои Френк Ангуиса.
Наполи на 20 настапи оствари 15 победи и собра 47 бода. Второпласираниот Интер има четири бода помалку, но и два натпревара помалку. Аталанта е трета со 42 бода од 19 настапи. Верона е на 17. место со 19 бодови, само бод над зоната за испаѓање.
Претходно во неделата Болоња и Рома ремизираа 2:2, а гостите израмнија со гол од пенал во осмата минута од судиското надополнување.
Рома поведе во 58. минута со голот на Алексис Саелемакерс, но Болоња за само седум минути успеа да направи пресврт. Тијс Далинга израмни во 61. минута, а Луис Фергусон реализираше пенал во 65. минута за водство од 2:1. Токму кога се чинеше дека домашните ќе слават, судијата Росарио Абисо покажа на белата точка во шестата минута од судиското надополнување по ВАР асистенција. Пеналот го скриви Џон Лукуми со играње со рака, а сигурен реализатор беше Артем Довбик.
Болоња е седма со 29 бодови, додека Рома е на 10-та позиција со 24 бодови.
Во претходниот натпревар Интер како гостин ја совлада Венеција со 1:0. Решавачкиот гол го постигна Матео Дармијан во 16. минута. Тоа беше шеста последователна победа на Интер во лигата, петта без примен гол. Од друга страна, Венеција го забележа вториот пораз во последните три кола, а вкупно 12. сезонава.
Со идентичен резултат Џенова на свој терен ја совлада Парма со 1:0. Стрелец на единствениот гол беше Данецот Мортен Френдроп во 65. минута.
Последниот натпревар од 20. коло е закажан за в понеделник (20.45 часот), кога Монца и гостува на Фиорентина.