Наполи го демолираше Јуве, Елмас повторно стрелец

Во големото дерби на отворањето на 18-то коло од италијанското фудбалско првенство во петокот вечерта се сретнаа двете водечки екипи на табелата, а разиграниот Наполи целосно го надигра Јувентус со 5:1, а македонскиот репрезентативец Ељиф Елмас второ коло по ред беше стрелец.

Наполи сега има големи десет бодови предност на врвот во однос на Јувентус и Милан кој има натпревар помалку.

Пред гостувањето во Неапол, торинската „Стара дама“ имаше импресивна серија од осум последователни првенствени победи во кои не прими ниеден погодок а постигна 14. Но вечерава беше прегазен, а Наполи направи голем исчекор кон титулата во Серија А.

Домашните влегоа силно во дербито и поведоа веќе во 14 минута. Кварашкелија шутираше со „ножички“, неговиот удар го одбрани Шчечни но топката се одби само до Виктор Осимхен кој со глава поентираше за водство на домашните и за неговиот 11-ти погодок сезонава. Наполи го удвои водството во 39 минута, кога споменатите играчи ги променија улогите, а Грузиецот погоди за голема радост на повеќе од 60.000 илјади домашни навивачи.

Сепак, до одморот Јувентус успеа да го намали заостанувањето, откако во 42 минута за 1:2 погоди Анхел Ди Марија. Инаку Аргентинецот при 0:1 ја погоди градата од голот на домашните.

Во вториот дел Наполи дополнително го зголеми темпото и потполно го надигра големиот противник. Во 55 минута по изведениот корнер силно шутираше Амир Ррахмани за 3:1, а во 65 минута Кварашкелија повторно асистираше а Осмхен го постигна својот втор погодок за 4:1 и сега со 12 погодоци и натаму ја предводи листата на стрелците.

Во 72 минута Ељиф Елмас, кој во игра влезе на полувремето на местото на Матео Политано, изведе продор во противничкиот казнен простор шутираше а топката на патот кон голот го закачи Алекс Сандро и заврши во мрежата на Шчечни. За македонскиот репрезентативец ова беше петтиот првенствен погодок сезонава.

Во сабота ќе се играат дуелите Кремонезе – Монца, Лече – Милан и Интер – Верона, а во недела ќе играат Сасуоло – Лацио, Торино – Специја, Удинезе – Болоња, Аталанта – Салернитана и Рома – Фиорентина. Колото завршува во понеделник со натпреварот меѓу Емполи и Сампдорија.