Наполи го доби дербито со Лацио

Во дербито од 20-то коло од италијанското фудбалско првенство, во неделата вечерта Наполи со 2:1 го победи Лацио зацврстувајќи се на второто место во Серија А.

Домашните поведоа во 34 минута со голот на Хозе Каљехон, а само три минути подоцна Аркадиуш Милик со фантастичен гол од слободен удар од околу 25 метри зголеми на 2:0. Лацио намали во 65 минута со погодокот на Чиро Имобиле, но само пет минути подоцна гостите останаа со играч помалку откако беше исклучен Франческо Ачерби.

Интересно е што пред да го постигна погодокот Милик двапати ја погоди стативата, во 12 и во 21 минута. Фудбалерите на Наполи во досегашниот дел од првенството дури 14 пати ја погодувале рамката од противничкиот гол, што е убедливо најмногу од сите клубови во Серија А.

На табелата води Јувентус со 53 бодови и натпревар помалку, Наполи е втор со 47 бодови, додека Интер е трет со 40. Рома е четврта со 33, а Лацио остана петти со 32 бода.

Фиорентина и Сампдорија одиграа одличен меч со шест голови, а на крајот беше 3:3. Фиорентина водеше со 1:0 и 2:1, а потоа Сампдорија направи пресврт и поведе со 3:2, но домашните во третата минута од судиското продолжение успеаја да израмнат, и тоа со играч помалку.

Фиорентина поведе во 34 минута со голот на Луис Муриел кој во Фиренца стаса на почетокот од јануари на позајмица од Севилја. Но само пет минути подоцна домаќинот остана со играч помалку, откако беше исклучен Едмилсон Фернандес. Гостите израмнија во последните моменти од првото полувреме со убавиот гол на Гастон Рамирез од слободен удар. Муриел, кој од 2015 до 2017-та играше токму за Сампдорија, во 70 минута повторно ја доведе во водство Фиорентина. Сампдорија возврати со двата гола на Фабио Кваљарела, во 81 минута од пенал и во 85 минута, но во третата минута од дополнителното време Герман Пецела погоди за 3:3. Фиорентина сега има 27 бодови со кои е на десеттото место на табелата, а Сампдорија е осма со 30 бодови.

Калјари во судиското продолжение извлече реми 2:2 против Емполи. Домашните поведоа преку Паволети во 36 минута, гостите направија пресврт со погодоците на Ди Лоренцо во 70 и Зајц во 81 минута, но бодот го спаси Фириас во првата минута од судиското продолжение. Калјари е 13-ти со 20 бодови, а Емполи е 17-ти со 16 бодови.

Во дербито на дното СПАЛ и Болоња одиграа 1:1. Поведоа гостите во 24 минута со голот на Родриго Паласио, а изрмани Јасмин Куртич во 63 минута. СПАЛ е 16-ти со 18 бодови, а Болоња е 18-та со 14 бодови, четири повеќе од местото за директно селење во Серија Б.

Во првиот дуел од неделната програма фудбалерите на Аталанта беа убедливи и со 5:0 славеа кај Фросиноне, а четири голови постигна колумбискиот напаѓач Дуван Запата. Откако во 11 минута Манчини ги доведе во водство гостите, потоа Колумбиецот погаѓаше во 44, 47, 64 и 73 минута. Аталанта моментално е седма со 31 бод, колку што има и Милан со меч помалку, а Фросиноне е претпоследен 19-ти со 10 бодови.

Во понеделник се играат натпреварите Џенова – Милан и Јувентус Киево.