Наполи со бодот против Удинезе го обезбеди „скудетото“

Фудбалерите на Наполи по третпат во својата историја станаа шампиони на Италија, а титулата и математички ја обезбедија со освоениот бод на гостувањето во Удине играјќи 1>1 против домашниот Удинезе.

Домашните поведоа во 13. минута, а стрелец беше Словенецот Санди Ловриќ. Наполи израмни во 52 минута, кога најдобриот стрелец на тимот Виктор Осимен го постигна својот 22-ти лигашки гол оваа сезона.

Првата освоена титула по 33 години ја прославија фудбалерите и раководството на Наполи на теренот во Удине, заедно со навивачите кои дојдоа на северот на Италија, но вистинската прослава започна на улиците на Неапол и стадионот кој го носи името на Диего. Армандо Марадона, легендарниот Аргентинец кој во градот под Везув има статус на божество, а под чие водство е освоено последното „скудето“.

Наполи на пет кола пред крајот стигна до 80 бода, 16 повеќе од второпласираниот Лацио.

Важни бодови во борбата за зачувување на прволигашкиот статус освои Емполи со убедливи 3:0 на домашен терен против Болоња. Колумбискиот дефанзивец Џон Лукуми веќе во 1 минута со автогол му донесе предност на Емполи. Во финишот на првото полувреме Акпа Акпро го удвои водството на домашните (45+1), а во 68 минута Николо Камбијаги погоди за 3:0. Конечните 3:1 ги постави Рикардо Орсолини од пенал во 88 минута.

Емполи дојде до 35 бода и е на 15-то место, но сега е осум бода над зоната за испаѓање. Болоња е на деветтата позиција со 45 бодови.