Наполи со победата против Монца го презеде врвот на табелата

Фудбалерите на Наполи го презедоа врвот на табелата во Серија А, откако во последниот натпреварот од неделната програма од шестото коло ја совладаа Монца со 2:0.

Головите за тимот предводен од Антонио Конте ги постигнаа Матео Политано во 22. минута и Квич Кваратшкели во 34. минута. Во 54. минута домашните беа на чекор до трет гол, но ударот на Скот МекТоминај го запре стативата.

Во претходниот натпревар Рома на својот „Олимпико“ ја победи Венеција со 2:1. Гостите поведоа во 44. минута со голот на Џоел Похјанпал, израмни Брајан Кристанте во 75. минута, а победата на „Волчицата“ ѝ ја донесе Николо Писили во 83. минута.

Три бода освои и Комо кој со 3:2 ја совлада Верона. Два гола за домашниот тим постигна Патрик Кутроне (43, 72), а меѓу стрелците се запиша Андреа Белоти (89), додека кај гостите кои од 64. играа без исклучениот Томаш Суслов, стрелци беа Дарко Лазовиќ (53 од пенал) и Матис Ламбурд (90+4).

Торино загуби на домашен терен од Лацио со 2:3, забележувајќи го првиот пораз сезонава. Матео Гуендузи погоди за гостите (8), а стрелци уште беа и Булаје Диа (60) и Тијани Нослин (89), додека стрелци за Торино беа Че Адамас (67) и Саулу Коко (90+2).

Емполи и Фиорентина одиграа без голови.

На табелата води Наполи со 13 бодови, Јувентус има 12 бодови, а Милан, Интер и Торино по 11 бодови.