Направени промени во „балансерот“, ќе се земаат предвид само лицата што живеат во земјата

Министерството за дигитална трансформација направило промени во алатката за правична застапеност на заедниците во институциите во алатката „Балансер“, при што нема да се зема предвид нерезидентното населението, односно лицата кои се попишани надвор од територијата на државата, неофицијално дознава НетПрес.

Споед нашите извори, тоа значи усогласување на алатката со „Законот за вработени во јавен сектор“ и „Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија“ од 2021 година, каде што е предвидено дека и за алатката и за пописот, се земаат податоци за населението на територијата на земјата, а не лица кои беа спорно попишани во кутии со пасоши во Швајцарија, Италија и други земји.

Во август 2022 година Министерството за информатичко општество и администрација направи интервенција во онлајн калкулаторот „Балансер“, без промена на Методологијата за планирање на вработувањата во јавниот сектор согласно со начелото за соодветна и правична застапеност. Притоа земени се предвид податоците добиени од вкупниот број попишани лица, резидентни и нерезидентни, спротивно на „Законот за вработени во јавен сектор“ во којшто е предвидено дека се земаат податоците од последно спроведениот попис на населението на Република Македонија за територијата на цела Република Македонија.

Во конкретниов случај, тоа значеше свесна и наменска манипулација, институционална злоупотреба, како и злоупотреба на службените овластувања со кои се компромитираше начелото за правична застапеност.