Тајфунот „Ампил“ утринава продолжи да се движи кон Токио и другите источни области на Јапонија, а метеоролошката агенција ги повика жителите да се подготват за силни ветрови и обилни врнежи. Откажани се голем број летови и тргнувања на возови.
Јапонската метеоролошка агенција предупреди на силни ветрови, лизгање на земјиштето, поплави и високи бранови, пренесуваат јапонските медиуми.
Се очекува тајфунот да донесе ветрови до 216 километри на час.
Возните линии меѓу Токио и Нагоја во централна Јапонија, закажани за денеска, се суспендирани, а бројот на возови до и од Осака во западна Јапонија е ограничен. Откажани се околу 650 меѓународни и домашни летови до и од аеродромот Ханеда во Токио и аеродромот Нарита, источно од јапонската престолнина, што влијаеше на околу 120.000 патници.
Метеоролозите прогнозираат дека тајфунот денеска ќе донесе до 300 милиметри дожд на квадратен метар во регионот Канто-Кошин, кој го опфаќа Токио.