Народната банка ја зголеми основната каматна стапка за 0,50 отсто до нивото од 4,75 отсо. Во согласност со зголемувањето на основната каматна стапка, за 0,50 отсто се зголемени и каматните стапки на кредитот преку ноќ и на 7 дена.
Со овие промени, соопшти Народната банка, продолжува со затегнување на монетарната политика, што започна уште од крајот на минатата година, заради одржување на стабилноста на девизниот курс и на среднорочната ценовна стабилност.
– Од крајот на минатата година, Народната банка активно управуваше со ликвидноста преку интервенциите на девизниот пазар, а од април па наваму и преку зголемување на каматните стапки. Ваквата монетарна поставеност е поддржана и зајакната и со неколкуте промени кај инструментот задолжителна резерва, насочени кон раст на штедењето во денари, како и со системски мерки, како што е воведувањето противцикличен заштитен слој на капиталот (од 0,5 отсто), со што дополнително се јакне отпорноста на банкарскиот систем – појаснуваат од Народна банка.
Промените во поставеноста на монетарната политика, стои во соопштението, и понатаму се реакција на инфлацијата, додека девизниот пазар е стабилен.
-Во ноември, првпат оваа година, беше прекинат трендот на забрзување на годишната инфлација, под влијание на забавениот раст на прехранбената компонента, а во согласност и со промените на цените на меѓународните пазари. Сепак, ризиците од посилни преносни ефекти врз базичната инфлација од цените на енергијата и на храната, што сè уште постојат, како и подигнувањето на инфлациските очекувања наметнуваат потреба од натамошна монетарна реакција. Со оглед на врзаноста на нашата валута со еврото – појаснуваат од Народна банка.
На овие одлуки влијаат и промените во монетарната политика на Европската централна банка, за којашто се очекува дека ќе продолжи со зголемувањето на каматните стапки во следниот период.
Во однос на најновите показатели, годишната стапка на инфлација во ноември забави на 19,5 отсто, со што просечната годишна инфлација во периодот јануари – ноември 2022 година изнесува 13,8 отсто. И натаму околу 76 отсто од овој раст е директен ефект од растот на цените на прехранбените производи и на енергијата.
– Неизвесноста од идната динамика на цените на примарните производи на берзите, а особено на енергентите е нагласена поради воените случувања во Украина и санкциите кон Русија, поради што од исклучителна важност е водењето претпазливи домашни политики и внимателното управување со домашната побарувачка – велат од Народна банка.
Оттаму додаваат дека домашниот девизен пазар е стабилен, иако има поголема побарувачка на девизи на корпоративниот сектор, што во голем дел е неутрализирана од поволните движења на менувачкиот пазар и солидната девизна позиција на банките.
Податоците за менувачкото работење, заклучно со крајот на ноември 2022 година, укажуваат на можност за остварување нето-приливи од приватните трансфери коишто се малку повисоки од очекуваните.
Што се однесува до домашната економска активност, во третиот квартал од годината, според НБ, дојдоа до израз неповолните ефекти од енергетската криза и од растот на трошоците врз одредени сектори од економијата, што доведе до забавен економски раст (2 отсто). Остварувањата во третиот квартал од 2022 година, како и за првите три квартали од годината (раст од 2,7 отсто), се малку подобри од проектираните.
– Расположливите високофреквентни податоци за домашната економска активност во четвртиот квартал се недоволни, но засега се во прилог на очекувањата дека растот ќе забавува до крајот на годината. Така, податоците за октомври покажуваат мал реален годишен пад на прометот во вкупната трговија, наспроти малиот раст во претходниот квартал, и натамошни неповолни движења кај индустриското производство – велат од Народна банка.
Во однос на монетарните движења, според првичните податоци за ноември, кредитната активност и натаму расте, но поумерено и во согласност со очекувањата, додека растот кај депозитите забрзува посилно од очекувањата.
Во ноември, на меѓународните финансиски пазари променливоста е намалена, а пазарните очекувања упатуваат на понатамошно затегнување на монетарната политика од страна на глобалните централни банки. Во САД, посочуваат, заради согледувањата на инвеститорите дека ценовните притисоци во САД се намалени, се зголемија очекувањата за поумерено зголемување на референтната каматна стапка од страна на ФЕД.
Очекувањата на пазарите во однос на каматната стапка на ЕЦБ, соопштија од НБ, исто така се во насока на нејзино понатамошно зголемување, како одговор на инфлациските притисоци во еврозоната, а при висока неизвесност од идната динамика на глобалните цени на примарните производи.
– Општо земено, неповолното надворешно окружување и нагласените ризици налагаат водење исклучително претпазливи домашни политики. Народната банка внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците. Како и досега, централната банка е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за среднорочна ценовна стабилност – велат од Народна банка.