По известувањето дека сите банки се подготвени да ја реализираат предвремената исплата на априлските пензии, Народна банка излезе со препораки да се избегнува користење готовина.
– Заради заштита на здравјето, да се избегнува користењето готовина. Пензионерите коишто поседуваат дебитна картичка и од утре преку банкоматите и во трговската мрежа ќе располагаат со својата априлска пензија, да настојуваат секогаш кога е можно плаќањата да ги вршат безготовински – со употреба на картичката. Така ќе придонесат за заштита на своето здравје и на здравјето на другите.
– При посета на филијалите и експозитурите во текот на следната недела, пензионерите коишто досега не поседуваат дебитна картичка, да го поднесат барањето за изработка на картичка поврзана со нивната сметка. На тој начин, нивните средства ќе им бидат достапни во секое време, без да треба да ги посетуваат филијалите и експозитурите на банките за да подигнат готовина.
– Во периодот од 8 до 12 часот, кога е дозволено движење на лицата над 67 години, граѓаните коишто се во други возрасни групи, особено следната недела од понеделник до четврток, да се воздржат од посета на филијалите и експозитурите на банките. Во овој термин да се даде приоритет и предност на повозрасните граѓани коишто имаат потреба од банкарски услуги.
– При една посета на филијала/експозитура да се реализираат сите банкарски услуги за коишто клиентот смета дека во овој период е потребно физичко присуство во банките.
– Како што веќе е соопштено, задолжително е да се носи лична заштитна опрема за носот и устата којашто може да биде: респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, памучна марама или шал, бандана и слично.
– Да се почитуваат насоките за соодветна раздалеченост од другите лица, пред и во објектите на банките.
Потсетуваме дека според веќе објавениот распоред, исплатата на априлските пензии за пензионерите коишто не поседуваат дебитни картички ќе се спроведе по групи:
– во понеделник, 27 април – пензии со висина до 11.000 денари;
– во вторник, 28 април – пензии во висина од 11.001 денари до 14.000 денари;
– во среда, 29 април – пензии во висина од 14.001 денари до 18.000 денари;
– во четврток, 30 април – пензии во висина над 18.000 денари.
Апелираме за придржување до распоредот, со што ќе се овозможи бројноста на лица во филијалите и експозитурите на банките значајно да се намали, во корист на здравјето.
Во текот на претстојните денови ќе бидеме во интензивна комуникација со банките, заеднички настојувајќи сите активности поврзани со исплатата на априлските пензии да се остварат на начин којшто е најсоодветен за да се заштити јавното здравје.
Веруваме дека системскиот пристап којшто ќе се примени за исплатата на априлските пензии ќе ги даде очекуваните резултати.