Народната банка очекува поголемо отстапување од проектираниот раст

Народната банка очекува поголемо отстапување на нејзините октомвриска проекции за растот на економијата, како резултат на појавата на коронавирусот, кој како неочекуван надворешен шок, се очекува да се одрази во повеќе сегменти од економијата. Ова е оценка од денешната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, и покрај стабилните текови во економијата во првиот квартал.

-Последно расположливите податоци упатуваат на стабилни текови, но неизвесноста од идните макроекономски ефекти од пандемијата на ковид-19 е голема. Расположливите високофреквентни податоци за економската активност за периодот јануари-февруари 2020 година засега упатуваат на продолжување на растот на економијата и во првиот квартал од годината, но ризиците за следниот период се неповолни. Во однос на инфлациските движења, заклучно со крајот на март, просечната годишна стапка на раст на потрошувачките цени изнесува 0,6 отсто, што и натаму е пониско остварување во однос на октомвриската проекција. Нивото на девизните резерви и натаму се одржува во сигурната зона, при што остварувањата во првото тримесечје од оваа година, генерално се во согласност со очекувањата. Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за март покажуваат натамошен годишен раст и на депозитите и на кредитите, без поголеми отстапувања од проекцијата за првиот квартал од годината, појаснуваат од Народната банка.

Оттаму додаваат дека влошувањето на глобалното опкружување и мерките преземени за спречување на ширењето на вирусот, ќе доведат до влошување на деловната активност кај дел од економските дејности и ќе влијаат врз очекувањата на економските субјекти за следниот период.

Сепак, според Народната банка, се оценува дека овие отстапувања не се предизвикани од поместувања во економските фундаменти и засега се очекува да бидат од привремен карактер.

Според октомвриската проекција, Народната банка очекуваше раст на економијата во 2020 година од 3,8 отсто, а четири отсто во 2021 година.

Народната банка, како што стои во соопштението, останува доследна на успешното спроведување на своите цели – одржување  стабилни цени, стабилен девизен курс и одржување на финансиската стабилност, притоа давајќи поддршка на реалниот сектор преку обезбедување поволни финансиски услови.

– Како и досега, се продолжува со внимателно следење на развојот на настаните, како и на потенцијалните ризици од окружувањето и на нивните ефекти врз домашната економија, заради соодветна и навремена реакција преку приспособување на политиките и преземање на други, дополнителни мерки, доколку тоа е потребно, стои во соопштението од Народната банка.