Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостувањето во „Јади бурек“ на ТВ Сонце истакна дека народот во Македонија се бори да обезбеди храна затоа што се е поскапено, нема куповна моќ, а инфлацијата е двојно поголема од еврозоната и тоа ни покажува дека не е увезена како што сака власта да прикаже.
– Ближиме до 20% инфлација. Основните прехранбени производи се главните генератори на таа инфлација статистички гледано. Поскапени се производите и по 30-40% и тоа основните, како лебот, млекото, брашното, зејтинот. Тие се главниот генератор на таа инфлација, не дека таа е увезена како власта што се обидува да каже, рече Мицкоски.
Тој потенцираше дека не може толку висока инфлација да биде увезена, затоа што во еврозоната е 9-10%, а кај нас двојно поголема.
– Кај оние основни артикли за кои зборуваме цената е за 30-40% а можеби и повеќе зголемена. Можеби кај облеката и обувките нема толкава инфлација, ама народот веќе не е куповно моќен за да купува. Сега народот се бори да се прехрани и тоа е суштинскиот предизвик за луѓето, нагласи Мицкоски.
Мицкоски посочи дека народот е свесен и тоа ќе се види на следните предвремени парламентарни избори, бидејќи огромно мнозинство граѓани сметаат дека оваа влада е лоша и треба да си заминe.