NASA се здружува со „Boeing“ во развојот на авион со пониски емисии

Американската агенција за вселенски истражувања NASA и гигантот во воздухопловното инженерство „Boeing“ објавија здружување заради развој на идната генерација комерцијални авиони со помалку испуштање јаглерод.

NASA во овој проект ќе инвестира 425 милиони долари во текот на седум години, а „Boeing“ и неговите партнери околу 725 милиони долари.

„Целта се комерцијални авиони што ќе бидат поефикасни околу горивото и ќе имаат бројни придобивки за животната средина, комерцијалната авијација и патниците ширум светот. Ако бидеме успешни, би можеле да ги видиме овие технологии во патничките авиони веќе следното десетлетие“, рече директорот на NASA, Бил Нелсон.

Додаде и дека технологиите што се користат и тестираат преку програмата, ќе поттикнат идни проекти и може да доведат до напредок во аеродинамиката и економичноста на горивото.

„Технологиите што се користат и тестирани преку програмата ќе ги инспирираат идните проекти и може да доведат до напредок во аеродинамиката и напредок во економичноста на горивото“, објавија од „Boeing“.

Според NASA, инженерите ќе се обидат да развијат авион со 30 отсто помала потрошувачка на гориво и помалку испуштање штетни гасови, во споредба со најекономичните авиони денес.

NASA и „Boeing“ планираат да тестираат иновативно авионско крило што создава помалку отпор и троши помалку гориво. Вселенската агенција има намера да го заврши тестирањето на програмата до крајот на 2020-те години, за да може технологиите и дизајните да се применат на следната генерација авиони.