Каде е најдоброто место да се набљудува метеорскиот дожд „Персеиди“ оваа година? Кое е најдобро време да се видат „Персеидите“?
Најголемиот и најдобар метеорски дожд годинава е речиси пред нас, а НАСА почна да одговара на прашања за тоа како да се видат што е можно повеќе „ѕвезди кои паѓаат“. Нејзиниот главен совет? Излезете од градот и пронајдете темно рурално небо.
Метеорскиот дожд „Персеиди“ годинава трае од 14 јули до 1 септември, но ќе го достигне врвот ноќта од недела, 11 август, кон понеделник, 12 август. Иако можеби веќе сте го виделе овој метеорски дожд, недела е ноќта кога треба да бидете подготвени.
Времето годинава е совршено.
– Овогодишните „Персеиди“ ќе бидат малку погодени од растечката Месечина за 53 отсто, но Месечината ќе зајде како што „Персеидите“ ќе почнат да го достигнуваат врвот“ – пишува во блог-пост објавен од НАСА.
Оттаму советуваат: излезете од градот.
-Обидете се да ја најдете најтемната локација што можете да ја најдете. Колку е потемно местото каде што ќе престојувате, толку е поголема веројатноста да видите како метеорите шараат низ небото – советуваат од НАСА.
Локацијата со јасен, непречен поглед на ноќното небо е од суштинско значење, но она што најмногу ви е потребно е ведро, темно небо. Најдобрата идеја е да се оддалечите што е можно подалеку од урбаното светлосно загадување, така што, можете да се упатите некаде на село.
Исто така, важно е да не користите телескоп или двоглед затоа што значително ќе ги намали шансите да видите ѕвезди што паѓаат.