Населението во Пекинг во пад првпат од 2003-та

Според официјалните податоци на владата во Пекинг, населението на главниот град на Кина во 2022 година покажува негативен природен раст на населението првпат од 2003 година, имајќи предвид дека стапката на смртност во градот со 21,84 милиони луѓе се зголемила и достигнала бројка од 5,72 смртни случаи на 1.000 лица, додека стапката на наталитетот паднала на 5,67 родени на 1.000 луѓе.

Намалувањето на населението во Пекинг е во согласност со националните трендови. Имено, минатата година првпат по 60 години е забележан пад на бројот на жителите, оптоварени со постојано зголемување на трошоците за живот, особено во големите пространи градови како Пекинг, забавениот економски раст и промената на ставовите за подигнување семејство.

Стапката на наталитет во Пекинг и другите градови и провинции се пресметува врз основа на бројот на постојани жители и не ја вклучува мигрантската популација.

„Со оглед на високите трошоци за живот и образование и нивото на образование во Пекинг, вообичаено е наталитетот на постојаните жители да биде низок“, се вели во соопштението на владата на кинеската престолнина, додавајќи дека бројките во главниот град се во согласност со националниот просек.

Природниот прираст на населението во Пекинг минатата година бил минус 0,05 на 1000 луѓе. Податоците се базираат на истражување кое започнало на 1 ноември, но не е наведено колку долго траело.

Стапката на наталитет во Кина минатата 2022 година изнесуваше 6,77 раѓања на 1.000 луѓе, што е најниската стапка забележана досега, додека стапката на смртност во земјата, највисоката од 1974 година, изнесувала 7,37 смртни случаи на 1.000 луѓе.