Уште колку години треба да зборуваме, анализираме, истражуваме и констатираме дека имаме слаб образовен систем, но дека сега не е време за негова реформа, праша професорот Кирил Барбареев на денешната јавна расправа во Собранието за Концепцијата за основно образование.
„Мојата визија е основното образование да биде основа на вредности и да го засакаш учењето, науката, татковината, да создаваме генерации кои кога ќе отидат на натпревар по физика и математика во Франција да се вратат со награди, таму да ја слушнат македонската химна. Кога ќе отидат на натпревар по историја во Белград, Софија и Атина да се вратат со најдобри резултати, да бидат подобри од соседите во знаење. Тоа е тој културен натпревар помеѓу народите. Оваа држава секогаш имала добри учители. Првите одлуки на АСНОМ се отворање на учителските школи. Тој ентузијазам, таа енергија која била во тие години сме ја загубиле ние некаде во овие 30 години. Враќањето на статусот и реномето на наставничката професија не е само поврзана со зголемување на плата“, нагласи Барбареев.
Тој кажа дека тимот што ја изработи концепцијата го сочинуваат македонски професори, наставници и стручни лица од Бирото за развој на образованието кои долги години се залагаат за коренити промени во образованието.
„Тоа се луѓе со 10, 20 30 некои и повеќе години кариери, сериозни личности, професионалци, со докторати, магистратури и долги студиски престои на врвни универзитети во светот“, посочи професорот.
Укажувајќи дека во основа на концепцијата стојат голем број домашни и странски анализи, Барбареев забележа дека сите реформи досега се фокусирале на одделни сегменти од образованието.
„Од домашните и од меѓународните студии се пристапи во креирањето на концептот. Во една национална студија започната од 2016 година, на прашањето 100 минус 53 одговориле 21 процент од учениците од Македонија. Стандардот е 80 проценти. Дали знаете дека нашите ученици имаат сериозни проблеми и тешкотии со читање и разбирање, со математика, со критичко мислење? Дури и сите оние кои зборуваат во овој период дека се брза со реформата, дека нема анализи, дека концептот треба да се отстрани, дека има педагошко-методолошки недоследности и т.н. всушност забораваат една важна работа, ова е концепт, не е стратегија, не е акциски план. Концепт и значи почеток, визија за ново училиште, нова образовна автентична македонска парадигма за нов воспитно-образовен систем. Петте месеци работа се всушност анализите и искуството во овие 20 години на сите од нас коишто седиме тука и се надвор од оваа сала. И уверувањето дека парцијалните промени се недоволни за суштинско реформирање на основното образование кое и е неопходно на нашата земја. И конечно, интеграција на добри светски практики и создавање систем со национални стандарди“, укажа професорот Барбареев.
Отсликувајќи го образовниот систем кој го имаме, рече дека е политизиран во континуитет 30 години, со резултати кои во континуитет паѓаат, систем без стандарди, систем во кој дали ќе работиш посветено и сериозно или нема да работиш, не се препознава.
„Образование во кое сите сме одлични со просек „пет-нула-нула“. На кого му е потребен ваков систем? Ако ги погледнете забелешките кои доаѓаат од наставниците, па тие молат дури и да не оценуваат бидејќи е бесмислено заради реакциите и притисоците од средината кои се неподносливи. Денес многу наставници ќе ви кажат – не ми е криво што платата ми е толку, криво ми е и тој што не работи исто зема“, рече Барбареев.
Рече дека е неопходно враќање на дигнитетот на професијата наставник, а новата концепција произлегува токму од потребите на образованието и на никаков начин не е предизвикана од никакви други причини, освен да се направи најдоброто за учениците.
„Дали укинуваме предмети и научни дисциплини? Не. Ние зборуваме за тоа што треба да знае еден ученик во текот на основно образование. Што е целта на основното образование. Дали знаете дека денес во нашиот систем на основно образование има и по неколку предмети поврзани да речеме со дигитализација, а имате ученици средношколци коишто се уште не можат презентација да направат. Тоа кажува дека бројот на предмети и бројот на часови не е клучен фактор за квалитет на знаење кое се стекнува“, рече Барабареев.
Нагласи дека за да се создаде добар образовен систем неопходна е реформа и на педагошките и наставничките факултети.
„Тоа значи и поинакво високо образование кое нема темата за автономија да ја отвора без, во исто време да се отвори и темата на одговорноста на сите во образованието“.
Одговарајќи на често посочуваното прашање дали не се брза со реформите, Барбареев рече:
„Ако светот се менува побрзо од нашето снаоѓање, ако толку е радикален тој процес, тогаш како може образованието да не се менува? Ако ние денес во оваа држава уште не можеме да се разбереме како колеги, како академска заедница, како политички субјекти, ако ние немаме сила и знаење да покажеме култура на комуникација и разговор за овие теми, ако нема консензус за темата образование, тогаш ние нешто длабоко сме згрешиле во ова наше општество“.