Насила спроведен попис нема да даде валидни резултати, предупредува Јакимовски

Што е проблемот ако пописот го одложиме за два месеца кога ќе биде потопло, кога ќе се примаат попишувачите да може да се седи на терасите, во дворовите и сето тоа да биде епидемиолошко побезбедно, а власта не треба на сила да спроведува попис, ако сака да има успешни резултати, истакна во среда вечерта Стевче Јакимовски претседателот на ГРОМ во вечерашната „24 Анализа” на Телевизија 24.

„Втората работа која е битна тоа е врзаниот потпис. Со тоа буквално ја правиме државата бинационална. Значи ние полека, полека се правиме со тој врзан потпис и доколку една етничка заедница не е задоволна со резултатите – нема да ги потпише. Следната работа е фингер принтот, односно пописот да биде со отисок на прст. Ако веќе ги набавуваме за локалните избори во октомври, што е проблем да се набават неколку месеци порано. Тоа ќе значи да нема никаков сомнеж и сите ние и граѓаните и политичките партии да застанеме позади пописот“, додад лидерот на опозицската партија Граѓанска опција за Македонија (ГРОМ), која е дел од коалицјата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Јакимовски притоа посочи дека лично смета оти дури и сите партии да повикаат на попис, граѓаните ќе го бојкотираат ако постои сомнеж кај нив. Во разговор со пријатели од десет луѓе на пример, двајца експлицитно велат дека нема да се попишуваат.

„И затоа го подржувам (лидерот на Деморкатскиот сојуз, Павле) Трајанов дека треба сериозно да седнеме и да корегираме тоа што може да се корегира. Да застанеме сите зад пописот ако сакаме да имаме успешни резултати. Никој никому не треба да покажува мускули, затоа што тоа на сите ќе ни се удри од глава. Гледате дека народот кога не може да се спротивстави тој се повлекува. Тоа го покажа и на референдумот“, додаде Јакимовски.