Голем број антимуслимански демонстранти се судрија со полицијата во вторникот вечерта во градот Саутпорт во северозападна Англија, каде три девојчиња беа избодени до смрт во понеделникот на танцувачки настан посветен на Тејлор Свифт, пренесоа во средата агенциите.
Насилството избувна во Саутпорт по бдеењето во центарот на трауматизираниот град каде се собраа стотици луѓе, пишува AFP. Цел ден претходно, минувачите оставаа цвеќиња, испишани со пораки картички и кадифени играчки на улицата „Харт“ каде се случил нападот. Агенцијата dpa пишува дека на местото на бунтот биле повредени речиси 40 полицајци.
Полицијата го испитува 17-годишникот чие име не го соопшти. Се отфрла терористичката основа на нападот, но сѐ уште не е познат мотивот. Тинејџерот останува во притвор обвинет за убиство и убиство во обид.
Полицијата не објави никакви информации за осомничениот, освен неговата возраст и фактот дека е од Кардиф, во Велс, што предизвика нетрпеливост и гнев кај дел од населението и ширење на лажни информации за него. Според BBC, неговото семејство потекнува од Руанда.
Немирите уследија по налудничавиот напад со нож во Саутпорт во понеделникот, во кој Алис Дасилва Агиар на 9, Бебе Кинг на 6 и Елси Дот Стенком на 7 години, беа избодени до смрт. Осум други деца, исто така, се избодени, а пет деца и двајца возрасни се во критична состојба.
Муслиманскиот совет на Велика Британија вели дека исламофобичните реакции започнале со лажни гласини и дезинформации на интернет за поврзаноста на злосторството со муслиманите. MCB им оддаде почит на трите девојчиња пред да ги осуди „потресните сцени на екстремно десничарските бунтовници кои дивеат пред џамијата“.