Наскоро ќе биде готов извештајот за случајот Рамадани

Претседателката на Судски совет Весна Дамева, информираше дека специјалната комисија што го испитува случајот со бегството од куќен притвор на поранешниот припадник на ОВК Блерим Рамадани, работи интензивно, и како што рече, се очекува час поскоро да излезе со извештај.

Во изјава за медиуми на пауза од денешната седница, Дамева рече дека штом биде констатирана фактичката состојба, веднаш ќе биде ставена на седница.

– Во овој момент не можам да кажам затоа што тоа е во рамки на Комисијата, единствено како претседател на Судски совет, на некој начин ги обезбедувам сите технички услови за да им бидат обезбедени тие податоци кои им се потребни за анализа. Цела постапка околу конкретниот случај, околу одговорност на судии и слично, да не прејудицираме, има законски рокови. Во овој случај ќе се работи интензивно и многу итно, јавноста заслужува одговори час поскоро, рече Дамева.

На прашањето во врска со средбата со премиерот Христијан Мицкоски, односно дали го убедувала премиерот да нема распуштање на советот, таа одговори дека, како што рече, судскиот совет нема надлежност, односно не се мешала во тоа.

– Судскиот совет нема надлежност, јас не се мешав во тоа. И таму укажав на средбата, укажувам во секој момент, дека судската власт е самостојна и независна. Ние бевме должни како совет да предочиме каква е реалната состојба во судството, кои се активностите кои Судскиот совет изминатите неколку месеци интензивно ги работи, а во континуитет и со години ги презема, како и оние активности кои во наредниот период интензивно ќе ги презема во насока на имплементација на препораките. Укажавме на напредокот кој судскиот совет го има во насока на тие препораки, час поскоро да бидат имплементирани, затоа што тие препораки, доколку се имплементираат, зависи враќањето на довербата во судството, образложи Дамева.

Во однос на тоа дали доовориле нешто конкретно, таа одговори дека нивните предлози ги доставуваат на работната група која што ги работеше измените во законот за Судски совет.

– Континуирано имаше наши претставници, а тоа беше иницирано од доставениот извештај на Оценската мисија. Сите предлози се тогаш доставени, меѓутоа и во наредниот период сме подготвени, доколку се предложи ново законско решение, со нашите предлози ќе учествуваме активно во насока на изготвување на солиден закон кој што од таа постапка, од сите законски одредби, понатаму би значело како ќе се враќа и дали ќе се враќа довербата кај граѓаните, дополни таа.

Судскиот совет на итна седница пред десетина дена донесе одлука да се формира Комисија што ќе ја констатира фактичката состојба по однос донесените одлуки од страна на Основниот кривичен суд Скопје, а поврзани со случајот на Блерим Рамадани, кој избега од куќен притвор додека во тек беше екстрадициона постапка.

Блерим Рамадани, врз основа на меѓународната потерница издадена до Интерпол од Србија, беше уапсен на 17 јули 2024 година на граничниот премин Јажинце и однесен на 30 дена екстрадиционен притвор во затворот во Шутка. Содржината на налогот за апсење се заснова на сомневањата на Србија дека Рамадани, како поранешен војник на ОВК, извршил воени злосторства во регионот на Неродиме.

На 1 август, мерката на Рамадани од надлежен македонски суд му беше преиначена од „притвор“ во „куќен притвор“ и тој, според решението, беше упатен на адреса во Скопје. Со оваа одлука се предвидуваше тој да остане во „куќен притвор“ до 16 август. На 15 август од страна на надлежен судски орган доставена е документација до МВР за распишување на централна потерница за Блерим Рамадани, бидејќи е недостапно за органите на прогонот.