-На последната седница на Владата помина информацијата за компресорската станица во Клинички центар, а обврската за набавка ќе ја преземе Министерството за здравство. Се надевам дека што поскоро ќе започне процедурата, ќе се средат сите проблеми што ги имаме со хируршките сали на Хирургија коишто ни се наследени, изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари по увидот во градежните активности за изградба на нов здравствен дом во општина Илинден..
-Ќе одиме преку јавна набавка да биде што потранспарентно и бараме рокови што поскоро да завршат. Ќе ставиме можеби услов тоа да заврши за три до четири месеци максимум, рече Таравари, одговарајќи на новинарско прашање.
Прашан дали е оптимист дека овојпат ќе се најде заинтересиран економски оператор, бидејќи претходниот тендер беше неуспешен, а станува збор за сума од околу половина милион евра, Таравари речен дека не може да предвиди дали ќе се јави некој, но и оти овој проблем не треба да се одолговлекува па не исклучува и директно договарање.
За тоа дали конечно треба да се преструктуира работата на заеднички служби зошто како една од причините за неуспехот на тендерот се посочува и недовербата и неплаќањето на оваа институција кон нивните должници, министерот за здравство посочува дека директорот на Заеднички служби се именува од Владата, но оти тој секако ќе предложи реорганизација на Клинички.
–Ние секако ќе имаме нова реорганизација на Клиничка центар. Чекам прво советодавно тело да направам во Министерството кое ќе биде одговорно меѓу другото и за новиот закон за здравствена заштита и за стратегијата за здравство во нашата држава. Ќе видиме, ќе планираме каде и како би го реорганизирале – дали тоа ќе остане во склоп на Клинички центар или ќе остане како посебно претпријатие кое ќе биде супортер на Клиничкиот центар. Меѓутоа, дозволете ми да земам експертски мислења и по тоа да започнеме со подготвување на новиот закон за здравствена заштита, нов закон комплет, рече Таравари наведувајќи дека за начинот на реорганизацијата има повеќе идеи но и оти потребни му се совети од поискусни експерти за да се донесе најдобро можно решениие, рече Таравари.
Во меѓувреме, хируршките клиники продолжуваат да користат надворешни компресори, а Таравари вели дека мораат така да функционираат.
-Се надевам до ноември или декември дека ќе заврши комплетно операцијата на поставување на нова компресорска станица и нова инсталација. Дотогаш ќе направиме повторно уште едно усогласување и со болницата „8 Септември“ и со Градска болница одредени потешки случаи, кои не можат да се сработат, нема услови, да бидат вработени во овие две болници кои и досега работат добро, вели тој.
За можноста кадарот од Клинички да може да го користи просторот попладне во ГОБ „8 Септември“ или на „Св. Наум Охридски“, Таравари потенцира дека тука има некоја законска препрека, но постои можност да се постигне договор.
За тоа дали ќе се расветли всушност од каде се ширеше миризбата во хируршките сали, имајќи предвид дека веќе подолго време се чита извештајот од Германија, Таравари одговори дека тој како министер се уште нема добиено извештај.
-Разговарав и со докторите таму и со одговорните и со директорите за да добијам информација, меѓутоа не би сакал да брзам и да дадам некаква изјава што нема врска со вистината. Сакам да ја знам целата вистина, па после ќе кажеме. Кога ќе имам информација, сигурно ќе бидете известени, вели Таравари.