Наскоро нова урбана забавна зона од 7.000 квадрати во центарот на Скопје

Во строгиот центар на македонскиот главен град наскоро ќе „никне“ најголемиот урбан простор за забава. Овој простор, кој веќе го доби името „Зона на соништата“ (Dream Zone), ќе се простира на површина од 7.000 метри квадратни и ќе биде составен дел од новиот трговски центар Diamond Mall, кој се гради во рамки на големиот мултифункционален комплекс Diamond of Skopje, лоциран кај старата железничка станица во Скопје.

Карактеристично за овој уникатен простор е што покрај досегашните класични елементи кои се одлика на ваков вид зони, ќе нуди и содржини со едукативен и интерактивен карактер, разработени според новиот еду-забавен (edutainment) концепт кој станува се повеќе застапен во трговските центри во светските метрополи. Содржините од овој иновативен концепт кои ќе бидат воведени во новата „Зона на соништата“ ќе бидат пред сѐ наменети за помладата популација и ќе бидат прилагодени на нивната возраст и специфичните интереси на секоја одделна возрасна група, почнувајќи од децата од три до 12 години, преку тинејџерите, па се до полнолетните млади луѓе.

Diamond Mall е позициониран не само како трговски центар, туку и како епицентар на градот со многу разновидидни забавни содржни и можности за дружење, а „Зоната на соништата“ ќе игра важна улога во привлекувањето на луѓето што живеат во околината на трговскиот центар.

Инаку, во рамки на целиот комплекс Diamond of Skopje, во чии рамки ќе биде и новиот трговски центар Diamond Mall, предвиден е и парк од 11 илјади квадратни метри. Новата урбана „Зона на соништата“, во комбинација со големата уредена зелена површина, му даваат на комплексот и на новиот трговски центар уникатна карактеристика. Дополнително, голема предност што оди во прилог на ваквиот концепт е локацијата на трговскиот центар во централното градско подрачје, но и лесниот пристап на сите посетители, назависно дали доаѓаат со возило, со јавен превоз или пешки.  Имено, молот располага со голем број различни влезови кои овозможуваат лесна пристапност од кој било дел на централното градско подрачје.

Новиот трговски центар Diamond Mall се очекува да биде отворен во март 2023 година, а го гради градежниот гигант „Лимак“. Вкупната инвестиција во изградбата на мултифункционален комплекс Diamond of Skopje, во чиј состав, покрај трговскиот центар, се наоѓаат и хотелот со пет ѕвезди Limak Skopje Luxury Hotel, четири станбени кули со 772 станови, деловен центар, парк и подземна сообраќајница, изнесува 250 милиони евра.