Наскоро уште 28.000 дополнителни вакцини против грип

Министерот за здравство Венко Филипче денеска соопшти дека наскоро ќе пристигнат дополнителни количини вакцини за грип. Како што изјави, ќе бидат набавени уште онолку колку што досега се набавени, односно близу 28.000.

– Навистина сум задоволен од интересот што граѓаните го покажаа за бесплатна вакцина за грип. Ова е втора година како оваа Влада инвестира во бесплатна вакцина за грип за сите пензионери, деца од шест месеци до пет години, трудници и здравствени работници. Дозите ги одредивме врз основа на буџетот што го имавме на располагање и врз основа на донацијата што ни беше понудена од Американскиот центар за јавно здравје. Тие дополнителни количини вакцини за кои сметаме дека ќе бидат сосем доволни со оглед на бројката на овие ризични групи кои сакаме да се вакцинираат се веќе на пат и тие ќе бидат скоро во нашата земја, изјави Филипче по трибината со здравствените работници.