Магазинот „Форбс“ ја објави втората по ред годишна листа на најбогатите жени во САД што сами го стекнале богатството. А деветте жени што уредниците ги избраа за насловната страна имаат вкупно 9, 7 милијарди долари.
Меѓу жените истакнати на заедничката фотографија убедливо најбогата е најстарата членка на оваа елитна група Дајан Хендрикс (69) која со сопругот Кенет во 1982-та година ја основа компанијата „Еј Би Си Саплај“ што мошне брзо се разви.
Откако сопругот и починал во 2007-мата година таа успеала да ги одбие обидите за преземање на компанијата и денес располага со богатство од 4, 9 милијарди долари, што и’ го донесе и првото место на вкупната листа пред водителката Опра Винфри која тежи 3, 1 милијарди долари.
Најмлада на насловната страница е 32-годишната Софија Аморузо, која пред 10 години го стартуваше модниот бренд „Нести гал“ и сега има 280 милиони долари.
Таа воедно е и единствената претставничка на помладата генерација што се најде на листата на најбогатите жени на САД што сами го стекнале богатството, а не доаѓа од индустријата за забава.
Помлада од неа е само пејачката Тејлор Свифт (26) која со богатството од 250 милиони долари ја држи 60-тата позиција, а четири места пред неа е Бионсе која располага со 265 милиони долари.
Нивните повозрасни колешки Мадона, Селин Дион и Барбара Стрејсенд се подобро пласирани на 25, 37 и 38-мото место.
Шерил Сандберг и Мариса Мајер, директорките на Фејсбук и Јаху се наоѓаат на 14-тото и 33-тото место, а актерката Џесика Алба се наоѓа на 42-то место.