Со поддршка од Министерството за култура, Женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“, како единствен претставник од Република Македонија, ќе учествува на 8. Светски хорски игри што се одржуваат од 9 до 19 јули 2014 година во Рига, Латвија. На Светските хорски игри оваа година ќе се претстават хорови од над 60 земји од целиот свет, кои ќе се натпреваруваат во вкупно 28 различни категории.
Нашите претставници ќе се натпреваруваат во три категории, и тоа: световна музика, црковна а-капела и фолклор.
Хорот „Света Злата Мегленска“ својот прв настап ќе го има на 17 јули, во категоријата световна музика, во Летонската музичка академија, која е една од најстарите образовни институции во земјата, лоцирани во стариот град на Рига. Покрај хорот „Св. Злата Мегленска“, во оваа категорија ќе учествуваат и хорови од Кина, Русија, Шведска, Финска, Германија, Венецуела, Индонезија, Италија и од други земји.
Натпреварот во црковна а-капелна музика ќе се одржи во црквата „Свети Петар“, која е еден од најдобрите примери на средновековната (готска) црковна архитектура, како и една од најубавите цркви во балтичкиот регион изградена во 13 век. На овој натпревар, хорот „Света Злата Мегленска“ ќе се натпреварува со хорови од: САД, Јужна Африка, Венецуела, Романија, Швајцарија, Канада, Хрватска и др.
Во третата категорија натпревари – фолклор, кои ќе се одржат на 18 јули во „Riga Stradins University“, покрај хорот „Св. Злата Мегленска“, ќе учествуваат и хорови од Нигерија, Кореја, Белорусија, Естонија, Австрија, Латвија, Филипини , Италија , САД и др.
Со организирањето на овој светски културен настан се потврдува дека Рига не е само европска престолнина на културата, туку и светска престолнина на хорската музика. Светските хорски игри во Рига се 8-ми натпревар во организација на „Музика мунди и интеркултур“ (Musica Mundi I Interkultur) и се, несомнено, најзначајна манифестација од овој вид во светот.