Учебната година задутре ќе почне за околу 255 илјади основци и средношколци. За учениците од второ и од петто одделение има нови наставни програми според Концепцијата за основно образование која од лани се спроведува етапно.
За овие ученици, како и за тие од прво и четврто, учебниците ќе доцнат поради измената на наставните програми кои се во различни фази на одобрување.
Наставата од новата учебна 2022/2023 година ќе се реализира во отворени училишта и без антиковид-протоколи и обврска за носење заштитни маски.
„Засега не се предвидуваат никакви дополнителни превентивни мерки, освен оние што се актуелни и во сила – за болниците, јавниот превоз, аптеките и за домовите за стари лица. Конкретно за училиштата, засега нема, изјави за МИА д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести.
Министерството за образование наука соопшти дека за да се задржи континуитетот, заедно со Бирото за развој на образованието има подготвено соодветни наставни материјали за овие ученици од кои ќе учат на почетокот на учебната година.
За останатите одделенија, за кои важат старите наставни програми, како и за средното образование, учебниците ќе бидат навреме доставени. Учебниците од четврто и погорните одделенија освен во печатен, ќе бидат достапни и во дигитален формат на порталот e-ucebnici.mon.gov.mk.
Министерството за образование и наука изминатиот месец информираше дека учебната 2022/2023 година ќе започне на 1-ви септември, како и дека во соработка со Бирото за развој на образованието и другите надлежни институции и партнери интензивно работат на обезбедувањето на сите неопходни услови за успешен почеток и тек на наставата.
„По воведувањето на нови наставни програми за учениците од прво и четврто одделение минатата учебна година, сега нови наставни програми се подготвени и за второ и петто одделение, а во фаза на изработка се и нови учебници врз основа на истите, по сите предмети во соодветните одделенија. Сите постапки за одобрување на учебниците за прво, вторo, четврто и петто одделение за кои се изготвени нови наставни програми, се во различна завршна фаза на одобрување, така што, при евентуално пролонгирање на постапките и по стартот на учебната година, учениците ќе го совладуваат знаењето преку подготвени соодветни материјали, додека не ги добијат новите учебници. За останатите одделенија, набавката на учебници со откуп исто така е во завршна фаза и се очекува да бидат дистрибуирани до училиштата кон крајот на овој месец“, посочија од минситерството.
Министерството информира дека сите учебници за четврто и погорните одделенија, освен во печатен формат, ќе бидат достапни и во електронска верзија на порталот e-ucebnici.mon.gov.mk.
За четвртоодделенците, пак, беше одлучено да учат само од електронските верзии, со објаснување дека дигиталното образование е иднината. Оваа одлука предизвика многу незадоволство и протести на родители, кои сами ги печатеа учебниците.
Одлуката на МОН тогаш беше дека според новата концепција, печатени учебници ќе има само за најмалите ученици од прво до трето одделение, додека трае процесот на описменување. За останатите оддленија беа предвидени исклучиво учебници во електронска верзија