-Сакаме со социјалните партнери да имаме коректни односи, но сакаме и наставниците да имаат доверба во нас, порача вечерва министерката за образование и наука Весна Јаневска во врска со најавите на СОНК за протести, доколку не им се исполни барањето за покачување на платите.
Таа вечерва во гостувањето на ТВ Телма, во врска со прифаќањето на СОНК на барањето на претседателот на Владата за дополнителен период за преговори од една недела, посочи дека има за што да се разговара во овој период.
-Сега е септември. Денес наставниците ќе го добијат порамнувањето што го имаа според Општиот колективен договор од 0,70 проценти. Ако приливот на средства, за кои што зборува премиерот, се одвива според очекувањата од искуството на претходниот месец и овој месец, можеби ќе се остварат некакви дополнителни средства кои ние сметаме дека ќе можеме да им ги дадеме на наставниците приоритетно, иако, и другите ресори бараат. Но, сметајќи дека се многу значаен дел од општеството кој треба да ги образува нашите деца и нашите млади, чекаме да видиме што ќе се случи со полнењето на Буџетот за да можеме да дискутираме, рече министерката.
Како што напомена, второ нешто што може да се дискутира за оваа недела, е динамиката на покачување на платите.
-Треба да видиме во кој временски период и колку би можело да се покачат платите. Колку планираме за првата половина на 2025 година, после ребалансот можеби ќе биде различна состојбата, но и што ќе се случува во 2026 година. Има елементи за кои може да се разговара и тие елементи ги разговараме, сакајќи во СОНК да имаме партнери, а не да бидеме непријатели, додаде Јаневска.
Повтори дека во моментот нема пари во Буџетот за оваа намена.
-Во овој момент нема средства во Буџетот. Ако сме три години на власт, па нема средства, ќе имате право да речете дека е по наша вина. Ние сме три месеци на власт. Пари во буџетот нема. Да, апсолутно сметам дека наставниците треба да имаат повисоки плати и ќе имаат. Но, ако вие имате три денари можете ли од нив да направите шест, рече Јаневска.
Во врска со Законот за високото образование, рече дека со овој Закон не треба да се брза, напоменувајќи дека сериозно ќе му се пристапи после март.
-Тоа е огромен закон. Дел од професорите велат дека е пререгулиран, но јас денес имав големо задоволство да се дружам со моите колеги, односно членовите на Националниот совет за високо образование и членовите на Интеруниверзитетската конференција и да размениме мислења. Заклучокот е дека не треба да се брза со тој Закон, и не само со тој, туку и со Законот за научни институции и научна истражувачка дејност, додаде Јаневска.