Наставникот по математика ќе има 144 часа годиншно, а колегата по географија 36, а ќе земаат иста плата, прашува Јаневска

Дали ќе му биде сеедно на наставникот по математика кога ќе земе цела плата за 20 часа неделно настава (144 часа годишно) цела учебна година, а неговите колеги по географија секој месец ќе земат цела плата во цела учебна година со само 36 часа годишно, односно за настава од средина на февруари до средина на мај?? Или граѓанско со 10 часа годишно, односно за настава од средина на мај до 17 јуни?, прашува во статус објавен на Фејсбук професорката Весна Јаневска.

Во продолжение статусот на проф. д-р Весна Јаневска:

Насоките за планирање, организација и реализација на наставата од 1 до 6 одделение во основното образование во учебната 2023/2024 година се донесени од страна на директорот на Бирото за развој на образованието со Решениие бр.02-1348/1 од 21.08.2023 година. Истите се доставени до училиштата на 22.08.2023 година. Насоки се спротивни на Законот за основното образование, Законот за Бирото за развој на образованието, Законот за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта и други правни акти кои ја регулираат материјата на образованието во Македонија.
Закон за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта
Во насоките пишува:
ЗАДОЛЖИТЕЛЕН ПРЕСТОЈ НА НАСТАВНИЦИТЕ ВО УЧИЛИШТЕ
● Задолжителниот престој на наставниците што реализираат настава од 1. до 6. одделение е 6 саати дневно, без оглед на тоа дали се одделенски или предметни наставници.
● Поголемиот дел од времето во текот на задолжителниот престој, наставниците го поминуваат во редовна настава по задолжителните и изборните предмети, а остатокот од времето е наменет за реализација на воннаставни активности, на додатна/дополнителна настава, на истражувачките и/или интердисциплинарните проекти на учениците, на општествено-хуманитарната работа на учениците, како и за соработка со колегите во рамки на стручните активи и за други стручни активности во рамки на училиштето.
Насоките се спротивни на Законот за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта, затоа што спротивно на овој закон и на колективен договор уредуваат престој, работно време, работни задолженија и плата на наставниците.
Насоките упатуваат наставниците во училиште да престојуваат по 6 саати дневно без оглед дали се одделенски наставници или предметни наставници што е спротивно на ЗНССОСУ (член 17 став 1 и 8 (осум)). Во ЗНССОСУ е уредено дека работното време на наставниците е 40 часа неделно од кои од 20 до 23 наставни часови (член 17 став 1). ( 8-Осум) Начинот и обемот на работните должности во рамките на работното време на наставниците и стручните соработници во текот на 40-часовна работна недела, ги утврдува министерот, на предлог на Бирото и Центарот.
Оваа насока е спротивна и на член 5 од Правилникот за начинот и обемот на работните задачи во рамките на работното време на наставниците и стручните соработници во текот на 40 часовната работна недела бр. 18-4809/1 од 05.05.2020 година донесен од министерот за образование и наука.
Во членот 5 од правилникот е уредено дека во 40 работни часови неделно, наставникот во училиште реализира 20 до 23 наставни часа за задолжителни и изборни предмети, пет работни часа во директна, непосредна работа со ученици во додатна, дополнителна настава и воннаставни активности.
Бирото се дрзнало и да уредува и плата на наставниците без оглед на нивните наставни часови. Односно во насоките уредуваат „Сите наставници кои до сега учествувале и ќе учествуваат во реализација на наставата по предметите Историја, Географија, Граѓанско образование, Техничко образование и Информатика се сметаат за потенцијални наставници за реализација на новите наставни предмети Историја и општество и Техничко образование и информатика во 6. одделение.“ (дали ја презема улогата на директор на училиште Бирото? Дали на овој начин го обврзуваат директорот кои наставници во кое одделение да ги распореди?)
Понатаму уредуваат дека „училиштето треба да направи распоред на ангажманот на овие наставници што ќе обезбедува да изведуваат минимум 15 наставни часа неделно без оглед на одделението во кое ја реализираат наставата. Со оглед на новиот начин на организација и реализација на интегрираните предмети во некој временски период наставниците може да имаат повеќе од 20 наставни часа, а во друг период помалку од 20 наставни часа неделно. Сепак, овие наставници во просек на годишно ниво ќе имаат доволен фонд на часови (вклучувајќи и други задолженија доделени од страна на директорот на училиштето) и ќе им се пресметува целосна месечна плата во текот на целата учебна година, без оглед на начинот на организацијата и реализацијата на наставата во одделни периоди во текот на наставната година.“
Во фондот на часови (ако нема од 20 до 23 часа наставникот) ги ставаат и задолженијата на директор???? за да земат цела плата наставниците по овие предмети. Со ваквите насоки се врши дискриминација на наставниците и се доведуваат во нееднаква положба наставниците кои предаваат македонски јазик, албански јазик, математика и други предмети, а и сите наставници кои работат во поголеми училишта со голем број на ученици и имаат полн фонд на часови (земаат цела плата), со наставниците кои ќе ги предаваат „интегрираните предмети“ кои ќе немаат полн фонд на часови, а ќе земаат цела плата со „задолженијата од директор“. Дали БРО пред да даде ваква насока има писмен документ дека платите за наставниците по интегрираните предмети се обезбедени во Буџетот на МОН (во блок дотациите). Дали ако нема доволно средства во блокот за плати, а нема, општините ќе влегуваат во долгови? Дали министерот ќе обезбеди пари за плати за сите наставници, а при тоа да има доволно средства и за комунални трошоци, струја, греење, превоз, хигиенски средства во услови кога општините трошат и до 99% од блокот за плати на наставниците?
Дали ќе му биде сеедно на наставникот по математика кога ќе земе цела плата за 20 часа неделно настава (144 часа годишно) цела учебна година, а неговите колеги по географија секој месец ќе земат цела плата во цела учебна година со само 36 часа годишно, односно за настава од средина на февруари до средина на мај?? Или граѓанско со 10 часа годишно, односно за настава од средина на мај до 17 јуни?