Сојузниците во НАТО ќе објават поддршка за Украина на нејзиниот „неповратен пат“ кон интеграција во Алијансата и ќе ја повикаат Кина да престане да ја поддржува руската офанзива против нејзиниот западен сосед, се вели во нацрт-заедничката изјава во којашто увид имала агенцијата Reuters во средата.
„Кина стана клучен поддржувач на Русија во војната против Украина, а Пекинг продолжува да претставува предизвик за Европа и за светската безбедност“, се вели во нацрт-текстот создаден на состанокот на НАТО во Вашингтон.
Членките на НАТО имаат намера да ѝ обезбедат на Украина најмалку 40 милијарди евра во текот на следната година и да воспостават механизам за координација на воената помош и обука за Украина, исто така, се вели во документот.
Сојузниците ќе ѝ дадат поддршка на Украина на нејзиниот пат кон целосна евроатланска интеграција, вклучително и членство во НАТО. Поканата за членство во Алијансата ќе биде испратена до Киев кога сојузниците ќе се договорат и ќе ги исполнат условите, го цитира агенцијата нацртот на завршниот документ на северноатлантскиот воен блок.
Нацртот, исто така, ја дискутира важноста на индо-пацифичкиот регион за НАТО, бидејќи настаните таму директно влијаат на евроатлантската безбедност. Алијансата го поздравува зајакнувањето на соработката со азиските партнери во помагањето на Украина.
НАТО е загрижен и за развојот на кинеските вселенски способности и активности, па го повукува Пекинг на дијалог за намалување на стратешките ризици.
НАТО е подготвен да одржува канали за комуникација со Москва за да го ублажи ризикот и да спречи ескалација, се вели во нацрт-документот.
Челниците на земјите-членки на Алијансата се состануваат од вторник до четврток во Вашингтон за да ја одбележат 75-годишнината од НАТО.