НАТО ќе ѝ помогне на Украина да ја модернизира својата војска, ветува Столтенберг

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, вети дека Северноатлантскиот воен сојуз ќе се обврзе на натамошна помош за модернизација на украинската армија на самиитот којшто кон средината на јули ќе се одржи во литванската престолнина Вилнус, потег кој Москва веројатно уште еднаш ќе го критикува како директно инволвирање на ткн колективен Запад во руско-украинскиот конфликт.

Во изјавата објавена во германскиот дневен весник Tagesspiegel во средата, Столтенберг вели дека сојузниците на самитот ќе усвојат повеќегодишен пакет кој Украина ќе ја доведе до стандардите на НАТО.

Вели дека НАТО ќе ѝ помогне на украинската армија во преминот од војска темелена на стариот советски модел на модерни сили кои дејствуваат според стандардите на Алијансата, иако освен најголем дел од вооружувањето вооружените сили на Украина особено од 2014 година се структуирани главно според западните стандарди.

Столтенберг тврди дека по повеќемесечните воени обуки со опрема на НАТО, Украина наводно ја „враќа својата територија окупирана“ од руските сили. Но притоа ги истакнува „потешкотиите“ за украинската противофанзива, „вклучително и тешкиот терен, вкопаните руски одбранбени позиции, вклучително и мински полиња и текновиски препреки“.

Ја нагласува важноста од континуираната поддршка на „земјаа којашто е во одбрнабена борба против агресорската Русија“, откако Москва ја започна својата, како што ја нарекува „специјална воена операција“ во Украина за која вели дека има цел да го спречи „етничкото чистење и погромот на рускиот и рускојазичниот народ“ во соседната земја, како и нејзина „демилитаризација и денацизација“.

Една од главните причини кои ги наведе Русија е токму амбициите на властите во Киев да пристапат во НАТО, што во Москва се оценува како „црвена линија“ во загрозувањето на нејзината безбедност.

Претходно во понеделникот Столтенберг изјави дека
челниците на земјите членки на НАТО нема да ѝ упатат формална покана на Украина да му се приклучи на Северноатлантскиот одбранбен блок на самитот во Вилнус. Упатувањето официјална покана е првиот чекор во процесот на пристапување на една земја во членството на НАТО.

Столтенберг тогаш додаде дека челниците на земјите членки ќе разговараат за тоа како Украина да му се приближи на НАТО. Минатата седмица тој првпат порача дека на Украина на овој самит нема да ѝ биде упатена покана за членство во Алијансата. Тогаш Столтенберг, сепак, истакна дека Украина ќе стане членка на НАТО кога за тоа ќе дојде времето, без да навести никакви услови.

Претходно во саботата американскиот претседател Џо Бајден изјави дека Украина мора да ги исполни сите услови како и другите земји за да стане членка на НАТО. Запрашан дали е за тоа на Украина да ѝ се „олесни“ пристапот во Алијансата, Бајден кусо одговори „не“.

„Украина не може да биде фаворизиран и мора да ги почитува сите критериуми. Значи нема тоа да го олеснуваме“, рече американскиот претседател.