Северноатлантскиот воен блок ќе премести неколку свои извидувачки авиони кои моментално се наоѓаат во Германија во Русија, за да бидат поблиску до Украина.
Извидувачките авиони со Воздушен систем за предупредување и контрола (AWACS) би требало да пристигнат во Букурешт во вторник „за да ја поддржат засилената присутност на Алијансата во регионот и да ја следат руската воена активност“, соопштија од НАТО во петокот.
Авионите познати под споменатата кратенка AWACS, кои вообичаено се стациониран во Ахен во западна Германија, ќе бидат преместени во базата на романските воздухопловни сили во Отопени крај Букурешт, околу 200 километри од источната граница на Европската унија и НАТО со Украина. Таму ќе останат неколку седмици.
„Додека руската нелегална војна во Украина продолжува да му се заканува на мирот и безбедноста во Европа, не смее да има сомневање во решителноста на НАТО да ја заштити и одбрани секоја педа од сојузничката територија. Нашиот AWACS може да открие авиони оддалечени стотици километри, што ги чини клучни за одвраќањето на НАТО и одбранбената позиција. Ѝ благодариме на Романија што е домаќин на авионите, бидејќи со тоа дава важен придонес на нашето рано предупредување“, изјави портпаролката на НАТО, Оана Лунгеску.
Околу 180 војници на НАТО, исто така, ќе бидат распоредени во воената база во Отопени.
Од НАТО не прецизираа колку од неговите 14 AWACS-и, моментално распоредени во Германија, ќе бидат преместени во Романија, но според воени извори три вакви авиони ќе бидат распоредени во оваа источноевропска земја поранешна членка на Варшавскиот воен блок воден од СССР, дознава германската новинска агенција DPA.
Авионите опремени со системот AWACS може да лоцираат и идентификуваат други авиони на оддалеченост поголема од 400 километри. Овие авиони можат да проследат информации до сите други во воздушниот простор кои се опремени на соодветен начин.
Во минатото авионите AWACS беа употребувани во војните на просторите на поранешна Југославија во 1990-те години, како и во операциите на НАТО во северна Африка, Блискиот исток и во Авганистан.