НАТО ги испрати првите бродови за најголемите вежби по Студената војна

НАТО ги испрати своите први бродови од Северна Америка во Европа на најголемите воени вежби во последните неколку децении, пренсува во средата германската агенција DPA.

Според Сојузничката команда во Европа, американскиот јуришен амфибиски брод „Gunston Hall“ во средата го напуштил своето пристаниште во Норфолк, во сојузната држава Вирџинија, за да го започне своето патување кон Европа. И канадска фрегата наскоро ќе исплови од Халифакс за Европа.

Околу 90.000 војници ќе учествуваат во големата воена вежба наречена „Steadfast Defender“, која ќе трае до крајот на мај. Командата на алијансата во белгискиот град Монс објави дека првата голема вежба ќе започне на 11-ти февруари.

„Алијансата ќе ја покаже својата способност да ја зајакне евроатлантската област со трансатлантски транспорти на војници од Северна Америка“, рече во средата командантот на сојузничките сили за Европа, Кристофер Каволи.

Според информациите добиени од DPA, сценариото за воената вежба ќе биде руски напад на сојузничка територија, што би потпаднало под членот 5 од Северноатлантскиот договор, според кој напад врз една членка на Алијансата се смета за напад врз сите членови.

Најголемите вежби на НАТО од крајот на Студената војна се одржаа во 2018 година, главно во Норвешка, а на нив учествуваа околу 51.000 војници. Последните маневри на Алијансата, кои беа поголеми од очекуваните оваа година, беа организирани пред распадот на Советскиот сојуз во 1991 година.