НАТО на својот претстоен самит во шпанската престолнина Мадрид ќе го зголеми бројот на војници ви висок степен на боева приправност на повеќе од 300.000, изјави во понеделникот генералниот секретар на сојузот, Јенс Столтенберг.
„Ќе ги трансформираме силите на НАТО за брз одговор и ќе го зголемиме бројот на војниците во висок степен на воена приправност на повеќе од 300 илјади“, рече Столтенберг на прес-конференцијата во Брисел.
Во моментов НАТО во своите источни членки на руските граници, како доктрина од минатите самити, има околу 40.000 постојано распоредени војници во осум борбени групи. На самитот во Мадрид, челниците на земјите членки ќе донесат одлука за зголемување на некои од тие борбени групи на ниво на бригада.
Столтенберг најави дека за новиот Стратешки концепт кој ќе го усвојат сојузниците во Мадрид, Русија ќе биде дефинирана како „најголемата и директна закана за нашата безбедност“.
Во последниот Стратешки концепт усвоен во 2010 година Русија беше дефинирана како стратешки партнер на НАТО.
Претходно Основачкиот акт за меѓусебните односи, соработка и безбедност меѓу НАТО и Руската Федерација е потпишан на 27-ми мај 1997 година во Париз. Но веќе истата година Алијансата почна со апсорбирањето во своето членство на поранешните советски сателити и членки на Варшавскиот договор, со што постепено се приближуваше кон руските граници. Во Брисел тврдат дека Русија со инвазијата на Украина го напуштила Основачкиот акт (Советот НАТО-Русија), чија клучна одредба била дека две страни повеќе не се сметаат за противници.
„Тоа нема да биде случај во Стратешкиот концепт околу кој ќе се согласиме во Мадрид. Очекувам дека сојузниците јасно ќе искажат дека Русија претставува директна закана за нашата безбедност, нашите вредности, меѓународниот поредок втемелен на правила“, реле Столтенберг.
Првпат во Стратешкиот концепт на НАТО ќе биде спомената и Кина и предизвиците коишто Пекинг ги претставува за земјите членки на Северноатлантскиот воен сојуз.
Сѐ уште е нејасно дали ќе биде решено прашањето на блокадата од Турција за приемот на Финска и Шведска во НАТО. Столтенберг рече дека на тоа „интензивно се работи’, дека ќе има состаноци и во Мадрид, но дека „не може да вети дека блокадата ќе биде отстранета“.
Најави дека во вторник во Мадрид ќе се сретне со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, финскиот претседател Саули Ниинистио и шведската премиерка Магдалена Андерсон.
На самитот на 29-ти и 30-ти јуни, предвидено е и доаѓање на украинскиот претседател Владимир Зеленски.