НАТО има позитивен имиџ, паѓа довербата во Зеленски

Во пресрет на самитот во јули оваа година, на кој се одбележува 70-годишнината од основањето на НАТО алијансата, голем дел од земјите членки многу позитивно гледаат на овој трансатлантски сојуз, додека е намалена довербата во украинскиот претседател Володомир Зеленски, покажуваат реузлатите на Pew Research Center објавени во вторникот.

Во просек, 63 отсто од возрасните граѓани во 13 земји членки во кое е спроведено истражувањето имаат позитивно мислење за НАТО, додека 33 отсто имаат негативно мислење.

Позитивните ставови кон НАТО алијансата значително пораснале во Турција во однос на истражувањето во 2019 година, а Унгарците, исто така, имаат подобро мислење за алијансата. Сепак, во неколку земји, вклучувајќи ги Шпанија, Шведска, Велика Британија и САД, позитивните ставови за НАТО донекаде се намалиле во однос на минатата 2023 година, според Pew Research Center.

По повеќе од две години од почетокот на руската инвазија во Украина, оценките за украинскиот претседател Володимир Зеленски се измешани во 35-те анкетирани земји-членки на НАТО и земји кои не се членки на алијнсата.

Во просек, 40 отсто од возрасните во овие земји имаат доверба дека Зеленски ќе ја направи вистинската работа за глобалните прашања, додека 46 отсто имаат спротивно мислење.

Мнозинство во само седум земји имаат доверба во неговата способност да се справи со меѓународните работи. А довербата во него значително се намали во неколку земји во Европа и Северна Америка.

Во Европа довербата во украинскиот претседател значително се разликува од земја до земја. Осум од десет возрасни во Шведска имаат доверба во Зеленски, додека исто толку во Унгарија немаат доверба.

Довербата во лидерот на Украина значително опаѓа во многу земји од 2023 година. Најголем пад се случил во Полска, каде довербата во него паднала за 22 процентни поени во однос на минатата година.

Глобалниот поглед на Русија и нејзиниот лидер, претседателот Владимир Путин, е многу негативен од почетокот на војната во 2022 година, иако ставовите се донекаде подобрени во неколку земји од последната анкета.

Но, во значителен број земји, односот кон Русија и Путин се подобрени од последните анкети, на пример во Аргентина.

Во неколку европски земји, луѓето кои имаат позитивен став за десничарските суверенистички партии во нивната земја гледаат на Русија и на Путин попозитивно од луѓето кои ги гледаат овие партии негативно.

За овој извештај, биле анкетирани 44.166 возрасни лица во 35 земји во периодот од 5-ти јануари до 21-ви мај 2024 година.