Северноатлантската алијанса не поседува податоци за тоа кој стои зад експлозиите на руско-германските гасоводи Северен тек 1 и 2 ланскиот септември во Балтичкото Море, но оваа саботажа ја потврдува потребата од заштита на нејзината критична подводно инфраструктура, изјави во средата генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг по пристигнувањето на состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на ЕУ во Стокхолм.
Досега ниту Столтенберг, ниту другите западни челници не го коментираа написот на американскиот наградуван американски новинар Сејмур Херш кој точно пред еден месец објави напис во кој прецизно наведува дати, личности, локации и опрема, и тврди дека зад експлозиите на четирите цевководи од гасоводите Северен тек 1 и 2 стои администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден. Според Херш, по деветмесечно планирање американските служби ги искористиле поморските вежби „Baltops“ на НАТО во јуни 2022-ра во Балтичкото Море да ги постават експлозивните направи кои три месеца подоцна ги активирала воената морнарица на Норвешка.
Меѓутоа, во средата западните челници започнаа со коментари од написите на американскoт весник The New York Times и на германски Zeit од вторникот дека во експлозијата наводно учествувале „проруска групација“ којашто „не е поврзана“ со украинскиот претседател Володомир Зеленски и владата во Киев туку била „против рускиот претседател Владимир Путин“. Во средата, пак, на темата се надоврзаа и британски Times и германската телевизија Ntv со наводните исти сознанија со кои вината за терористичкиот напад врз критичната инфраструктура се префрла на неидентификувана „украинска компанија“ и индиректно врз Полска каде што наводно било седиштето и бил изнајмен бродот со кој била спроведена акцијата.
„Знаеме дека имаше напад врз цевководите на Северен тек, акт на саботажа, но не можевме да идентификуваме кој стои зад него. Земе и дека тоа ја потврдува важноста од заштитата на нашата критична подводна инфраструктура. Имаме илјадници километри подводни гасоводи и нафтоводи, електрични и интернет кабли. Ние во НАТО долго време ги заштитуваме и создадовме посебна команда која ја осигурува нивната безбедност“, изјави Столтенберг одговарајќи на барање на новинарите за коментар за последните медиумски наводи.
Германското обвинителство го потврди претресот на сомнителниот брод
Во врска со експлозиите со кои дефинитивно беше прекината секоја испорака на евтиниот руски гас во Германија и Европа, американскиот новинар Херш во едни од подоцнежните интервјуа за помали германски медиуми кои не се во мрежите на јавните сервиси или големите медиумски куќи во мултинационална сопственост, рече дека е убеден дека тоа е извршено по директна наредба од Белата куќа. Притоа, според него, гасните компании на САД и Норвешка се објективно оние кои имаат најголема полза од уништувањето на гасоводите Северен тек, бидејќи тоа им гарантира квалитативно зголемување на извозот на нивниот течен природен гас во Европската унија.
Државното обвинителство од 18-ти и 20-ти јануари германското обвинителство извршило претрес на брод кој би можел да биде вклучен во експлозиите на Северен тек, а сѐ уште нема сигурно податоци за мотивите и нарачателите, изјавиле во средата од германското државно обвинителство во Карлсруе, коментирајќи ги наводите во западните медиуми.
„Постои сомневање дека тој брод можело да биде користен за транспорт на експлозивите кои се активирани на 26-ти септември 2022 година на гасоводите Северен тек и Северен тек 2 во Балтичкото море“, се наведува во писмениот одговор од германското обвинителство за медиумите.
„Анализата на запленетите докази и предмети продолжува. Идентитетот на сторителите и нивните мотиви се предмет на истрага. Конкретно, невозможно е да се дадат изјави врз основа на непобитни докази за можна државна вмешаност“, изјавила неименувана соговорничка од германското обвинителство на руската новинска агенција ТАСС.
Сомнителниот брод бил изнајмен од германска фирма, прецизираат од државното обвинителство во Карслруе, но нејзините вработени не се осомничени и додаваат дека „засега не можат да дадат други информации“.
Во текстот на Die Zeit, пак, се наведува дека германските иследници го идентификувале бродот што го користеле наводните диверзанти. Компанијата што го изнајмила наводно припаѓала на граѓани на Украина и била регистрирана во Полска.