НАТО по посетата на Руге: Повторена цврстата посветеност на трајната безбедност на Западен Балкан

Помошник генерален секретар на НАТО за политички прашања и безбедносна политика Борис Руге за време на посетата на Западен Балкан истакна дека регионот е од „стратешко значење за Алијансата“ и ја повтори „цврстата посветеност на сојузниците на НАТО за постојана безбедност“, соопшти Северноатлантската алијанса.

Руге од 16 до 22 август имаше консултации на високо ниво во Сараево, во Приштина и во Белград.

-Тој укажа на продолжената долгорочна соработка помеѓу НАТО, Европска Унија и другите меѓународни организации за зајакнување на регионалната стабилност, се наведува во соопштението на НАТО.

Руге во Белград се сретна со српскиот претседател Александар Вучиќ, министерот за надворешни работи Марко Ѓуриќ и претставници на меѓународната заедница.

-Имавме добра размена за различните аспекти на партнерството НАТО – Србија, кое се надеваме дека ќе го продлабочиме, и за напорите на Алијансата низ целиот регион. Очекуваме Србија да помогне да се обезбеди целосна одговорност за насилните дејствија извршени на Косово во мај и септември 2023 година и да одигра позитивна улога врз основа на добрососедските односи со сите земји во регионот, истакна Руге.

Тој во Приштина се сретна со претседателката на Косово, Вјоса Османи, и со високи претставници на ЕУ, ОБСЕ, земјите од Квинтата (Франција, Германија, Италија, Велика Британија и САД) и мисијата КФОР предводена од НАТО.

Како што се наведува во соопштението, кога станува збор за повторното отворање на мостот на Ибар во Митровица, Руге го наведе ставот на Алијансата дека „одлуките мора да се носат преку дијалог на координиран начин“.

Тој исто така нагласи дека НАТО целосно го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина под покровителство на ЕУ како рамка за решавање на нерешени политички прашања.

За време на состаноците со Претседателството на БиХ и други високи функционери, вклучително и министерот за надворешни работи Елмедин Конаковиќ и високиот претставник за БиХ, Кристијан Шмит, Руге истакна дека НАТО е ангажиран во БиХ веќе три децении.

-Ние остануваме цврсто посветени на суверенитетот и територијалниот интегритет и нема да дозволиме да се појави некаков безбедносен вакуум, посочи Руге во Сараево.