НАТО: Приемот на Македонија не е одложен поради Русија, туку поради прашањето со името

Канцеларијата за односи со јавноста на НАТО, денеска не му дозволи на дописникот на МИА од Брисел да му постави прашање на новиот генерален секретар Јенс Столтенберг, а кое се однесуваше на ставот на рускиот министер за надворешни односи Сергеј Лавров, дека приемот на Македонија и други балкански земји во НАТО е против интересите на Русија и ќе биде провокација за Руската Федерација.

Сепак, по завршувањето на кусата и со одбрани прашања средба со новинарите, Столтенберг се запозна поодделно со секој од присутните дописници во седиштето на Алијансата во Брисел, при што на дописникот на МИА се обрати на чист македонски јазик со зборовите: „Добар ден, како сте?”.

Сепак, норвешкиот политичар на чело на оперативата на НАТО не го коментираше ставот на Лавров, а посебно шпекулацијата дека со ветото на приемот на Македонија на Самитот во Букурешт во 2008 година, Грција помогнала да се зачуваат руските интереси на Балканот.

Но, висок извор на Северноатлантската организација, кој инсистираше на анонимност, во врска со сето ова ќе рече:- Апсолутно е неточно да се тврди дека Македонија не е членка на НАТО со цел да не се провоцира Русија или да не се загрози некаков руски интерес! Едноставно, македонскиот проблем е спорот за името со Грција и истиот морате да го решите во Обединетите нации, посочи високиот извор на НАТО за МИА.