Во НАТО ја разгледуваат можноста за дополнително јакнење на својата воена присутност во балтичките земји и во Полска доколку Русија ги задржи своите војници во Белорусија по планираните воени вежби, изјави во понеделникот Роб Бауер, шеф на воената комисија на Алијансата.
Според најавите од Москва и недокажаните процени на американското разузнавање, во Белорусија, северна сосетка на Украина, поради заедничките воени вежби во февруари Русија распоредила околу 30.000 свои војници, па така наводно бројот на руските војници на украинските граници моментално бил поголем од 100.000 лица.
САД изминатата седмица во Романија и Полска испратија покрај досегашните уште 3.000 свои војници. НАТО распореди четири мултинационални борбени единици со вкупно 5.000 војници во Полска, Литванија, Латвија и Естонија по избувнувањето на воените дејствија во Украина во 2014 година. Ткн борбени групи на Алијансата, предводени од САД, Германија, Канада и Велика Британија, би требало да запрат хипотетички напад во регионот и да осигураат доволно време за пристигнување дополнителни сили на НАТО на боиштето. Во меѓувреме овие бригади се зголемуваат поради континуираните воени вежби на Алијансата во регионот, па така бројката моментално стационирани војници секогаш е повисока.
Покрај тоа, можни се и натамошни распоредувања воени трупи на сојузниците во НАТО, изјави Роб Бауер, холандски адмирал кој го предводи највисокото стратешко тело на Алијансата.
„Разгледуваме каде континуирано имаме трупи кај различните нации, дискутираме за тоа, што резултира со актуелните потези. Можеби ќе има некои промени во иднина, а тие ќе бидат последица од ваквиот развој на настаните. Сето тоа, секако, зависи од тоа дали руските трупи, кои сега се во Белорусија, таму и ќе останат“, изајви Бауер на прес-конференција.
Москва негира дека планира инвазија во Украина, но предупреди дека може да реагира доколку Киев поттикнат од западното вооружување и испраќање воени инстуктори и специјалци од земји членки на НАТО се реши за воена решение во побунетата област Донбас, населена доминатно со руско и рускојазично население. Покрај тоа, Русија и Белорусија имаат меѓудржавен договор уште од 1997 година за ткн Сојузна заедница, која овозможува престој на безбедносни сили на едната од земјите на територијата на другата.
„Доколку обратите внимание на трупањето на воените сили, Русија всушност би можело да има доволно војници за сериозна инвазија до крајот на овој месец, но не знаеме дали имаат вистинска намера тоа и да го остварат“, ги повтори Бауер изјавите на американски функционери од минатата седмица кои се повикаа на разузнавачки процени.
„Во рамките на најновото распоредување на воени сили на белоруската граница забележуваме и поставување полски болници, како и други помошни објекти потребни за поддршка во случај на воен напад. Доколку навистина размислувате за инвазија, всушност ви е потребно и повеќе од само воени сили. А гледаме сѐ повеќе токму такви нешта по должината на границата со Украина и на границата меѓу Белорусија и Украина, што е самото по себе многу загрижувачки“, додаде Бауер.