НАТО решително ќе одговори на секој напад врз клучната инфраструктура

Секој напад врз инфраструктурата клучна за НАТО ќе наиде на заеднички и решителен одговор, уверуваше во вторникот генералниот секретар на Северноатлантскиот воен сојуз, Јенс Столтенберг и повтори дека рускиот претседател Владимир Путин не смее да победи во војната во Украина.

Столтенберг на конференцијата за новинарите пред состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО, кои во среда и четврток се среќаваат во Берлин, изјави дека државите сојузници ја зголемуваат безбедноста околу клучните инфраструктурни објекти по експлозиите на гасоводите Северен тек 1 и 2, чијашто причина не е сигурно утврдена. Притоа челникот на Алијансата не посочи дека станува збор за руска инвестиција преку која Москва остварува профит од испораките на природниот гас во Германија и Европа.

Столтенберг, исто така, во контекстот на повиците на некои челници на земјите членки и од Киев за превентивен нуклеарен напад врз Русија и одговорот од Москва дека ќе го искористи целиот „расположлив арсенал“ за да го заштити својот суверенитет и територијален интегритет, порача дека НАТО е подготвен да одговори на секаква нуклеарна закана за која и да е негова членка.

„НАТО е подготвен за секаква закана за некоја членка на сојузот. Прикриените нуклеарни закани се опасни и непромислени и Русија знае дека нема победник во нуклеарната војна, која никогаш не би требало да биде водена“, рече Столтенберг одговарајќи на прашање за евентуален руски нуклеарен напад.

Масивното руско ракетирање во понеделникот врз Украина, како одговор на диверзијата на Кримскиот мост викендов, според Столтенберг е „знак на слабост“ на Русија „којашто ја губи битката на теренот“.

„Русија сѐ повеќе посега по страшни и неселективни напади врз цивили и на важната инфраструктура. Она што го видовме вчера е знак на слабост, бидејќи Русија губи на бојното поле а ракетирањата сведочат за недостиг од алтернатива на претседателот Владимир Путин“, тврдеше Столтенберг.,

Столтенберг, кому е продолжен мандатот на чело на НАТО во контекстот на војната во Украина, во четврток ќе претседава со состанокот на Групата за нуклеарно планирање на кој ќе се разговара за „опасната руска нуклеарна реторика“ и за улогата на нуклеарните способности на Алијансата во „зачувувањето на мирот и одвраќањето од агресија“. За следната седмица Столтенберг ја најави „рутинската“ вежба за одвраќање.

„НАТО следната седмица ќе ја одржи долго планираната вежба за одвраќање Steadfast Noon, тоа е рутинска вежба која се одржува секоја година за нашите средства за одвраќање да бидат сигурни и ефикасни“, рече Столтенберг.

Министрите за одбрана на државите членки во среда и во четврток ќе разговараат и за јакнење на помошта на Украина и за продолжување на сопствената одбрана во контекстот на најголемата ескалација од почетокот на украинската војна.

Во среда ќе се состане и Контактната група за одбрана на Украина којашто ја предводат САД. Оваа група се среќава еднаш месечно поради координирање на воената помош за Киев. Ја сочинуваат министрите за одбрана и воените команданти на државите членки на НАТО и другите партнерски држави.

На состанокот на министрите за одбрана во НАТО ќе учествува и украинскиот министер за одбрана Олексиј Резников кој ќе ги запознае со ситуацијата на теренот и за воените потреби на Украина за претстојната зима.

Столтенберг ги поздрави неодамнешните изјави на сојузниците за нови испораки на оружје за Украина. Генералниот секретар на НАТО тврдеше дека Украина ја „има иницијативата и продолжува да остварува значителни победи на теренот“ иако веќе цела седмица од Киев нема објави дека украинските сили заземале некоја нова позиција на југоистокот.

„Нашата порака е јасно, НАТО ќе биде со Украина колку и да биде потребно. (Рускиот претседател Владимир) Путин ја започна оваа војна и тој мора да ја заврши, со повлекување на своите сили од Украина. Кога Путин би победил тоа не би бил пораз само за Украина, туку и пораз и опасност за сите. Бидејќи светот би бил понесигурен, а ние ранливи на натамошна руска агресија“, додаде Столтенберг.

На Украина ѝ се потребни разни видови на оружје, за тоа ќе дискутираат министрите утре и задутре со украинскиот министер за одбрана, кој ќе им пренесе што му е потребно на Киев за да продолжи да војува против Москва – потребни се разни системи на одбрана, артилерија, оклопни возила, противтенковско оружје, но и гориво, зимска облека, комуникациски системи. За сето ова утре ќе се координираат сојузниците на НАТО заедно со Украина.

Последица е што залихите на оружје на земјите кои и помагаат на Украина почнаа да се празнат, оставајќи ги државите поранливи во случај на напад. И ова ќе биде на дневен ред, потврди шефот на Алијансата.

„Се разбира, колку подолго трае војната важно е да се наполнат залихите, треба сега да зборуваме за зголемување на производството, да се произведува повеќе, да се наполнат залихите и да се испраќа во Украина, треба да се договориме за поамбициозен таргет за залихите и да и одговориме на индустријата за долгорочна побарувачка“, рече Столтенберг, кој додаде дека ќе се дискутира и заедничка набавка на муниција и зголемување на интероперабилноста меѓу земјите.

Дијалогот со воената индустрија е започнат, потврди генералниот секретар, за зголемување на производството, а утре за тоа ќе се разговара на повеќе нивоа.

„Што подолго трае војната оваа работа со индустријата станува поважна“, рече Столтенберг.