НАТО сака да ја поттикне воената индустрија во Украина

Поради дополнителната ескалација на војната во Украина, НАТО сака да го поттикне производството на оружје во таа земја, беше кажано по состанокот на министрите за одбрана на Германија, Велика Британија, Франција, Полска и Италија во понеделникот во Берлин.

„Нашата цел е Украина да дејствува од позиција на моќ“, изјави германскиот министер за одбрана Борис Писториус по средбата со колегите од четирите сојузнички земји.

Германецот Писториус, Себастиен Лекорну од Франција, Џон Хили од Велика Британија, Владислав Косињак-Камиш од Полска и Гвидо Кросето од Италија се сретнаа со цел да градат стратегија пред враќањето на остриот критичар на НАТО, Доналд Трамп на функцијата претседател на САД.

Трамп, кој треба да биде инаугуриран на 20 јануари, уште во текот на својот прв мандат од 2016 до 2020 година ги критикуваше американските сојузници во Европа за недоволно вложување во сопствената безбедност и бараше да инвестираат значително повеќе пари во сопствената безбедност. САД се најголемиот испорачувач на воената помош за Украина, па во западноевропските престолни ни стравуваат дека Трамп може да ја намали таа помош, со што Европа би требала да го преземе тој дел.

Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров едно време се приклучи на состанокот во Берлин преку видео-врска.

Писториус објасни дека стимулирањето на производството на оружје во Украина ќе се финансира и со каматата на замрзнатите финансии на Русија во странство.

„Меѓу другото, планираме набавка и развој на дронови кои би биле водени од вештачката интелигенција“, рече Писториус.

Германскиот министер рече дека поради наводното и сѐ уште недокажано учество на севернокорејските војници во војната во Украина, тој конфликт „одамна е меѓународен“.

Сепак, сите извештаи од западните извори во кои се тврди дека севернокорејските војници дошле наводно во Русија велат дека тие се наоѓаат на руска територија. Засега само еднаш украинската војска објави дека имала наводен судир со овие трупи, но покрај тоа што Киев не пружи никакви докази, ниедна западна војска не го потврди тоа.

Писториус укажа и на неодамнешната употреба на балистичката ракета со среден дострел, која демонстативно беше истрелана врз огромниот воено-индустрискиот комплекс во Украина, но со кој е можно да се гаѓаат цели и во Европа.

„Руските закани се насочени и против нас“, нагласи Писториус без натамошно образложување. Најави дека состанокот на министрите за одбрана во овој формат повторно ќе се одржи во Полска на почетокот на 2025 година.