НАТО се противи на предлогот на Трамп за зголемување на трошоците за одбрана на 5 отсто

НАТО нема да го поддржи предлогот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за зголемување на трошоците за одбрана на пет отсто од бруто домашниот производ, но најверојатно ќе се согласи на повисоки распределби од сегашната цел од два отсто од БДП-то.

Трамп во вторникот рече дека земјите-членки на НАТО треба да потрошат пет отсто од својот БДП за одбраната, многу повеќе од сегашната цел од два отсто и сума што ниту една членка, вклучително и Соединетите држави во моментов не ја трошат.

Изјавата на Трамп, дадена на прес-конференција каде што предизвика бура со забелешките за Гренланд, Канада и Панама, потсети на неговиот фокус на трошоците за одбрана во рамките на НАТО за време на неговиот прв мандат и неговата закана САД да не ги заштитуваат сојузниците кои не ги исполнуваат зададените цели и обврски

Претставниците на земјите-членки на НАТО рекоа дека се согласуваат дека трошоците за одбрана треба да се зголемат, но не ја поддржуваат целта од пет проценти од БДП-то, што според аналитичарите би било политички и економски неостварливо за повеќето членки и би значело стотици милијарди американски долари дополнителни трошоци.

Но, новата цел најверојатно ќе биде договорена на самитот на НАТО во Хаг во јуни поради загриженоста дека Русија би можела наводно да нападне членка на НАТО по Украина и притисокот од Трамп, изјавија официјални лица.

Клучните отворени прашања се која ќе биде оваа нова цел и дали ќе биде доволна за Трамп.

Некои очекуваат 32-те земји-членки на НАТО да се договорат за цел од околу три проценти од БДП-то. За многумина тоа би било многу, бидејќи сè уште не ја исполниле или едвај ја исполнуваат целта од два процента, десет години по нејзиното поставување.

„Се чини дека ќе има промена“, изјави италијанскиот министер за одбрана Гидо Крозето за Reuters.

„Мислам дека нема да биде пет проценти, што би било невозможно за речиси секоја нација во светот во моментов, но… нема да биде два проценти, што веќе се бориме да ги исполниме, но ќе да биде повеќе од два“, додава италијанскиот министер.

Италија издвојува околу 1,5 отсто од БДП за одбраната и е меѓу осумте земји-членки на НАТО кои не ја исполнуваат целта од два отсто.

Полска, која граничи со Украина, троши најмногу за одбрана од сите членки на НАТО. Минатата година за одбрана потрошила 4,12 отсто од БДП-то, според проценките на НАТО. Следат Естонија со 3,43 отсто и САД со 3,38 отсто.

Според проценките на НАТО, земјите-членки одвоиле 1,474 билиони американски долари за одбрана во 2024 година, од што самите САД околу 968 милијарди, а европските земји и Канада 507 милијарди долари. Вкупниот просек е околу 2,71 отсто од БДП-то на НАТО.

Некои функционери и аналитичари веруваат дека предлогот на Трамп од пет проценти е намерно висок за да започнат преговорите и очекуваат дека тој би можел да се согласи на нешто поблиску до три проценти. За време на изборната кампања минатата година, Трамп предложи цел од три проценти, додавајќи дека тоа ќе значи зголемување на буџетите за одбрана од околу 30 проценти за повеќето земји-членки.

Фенела Мекгерти, експертка за одбранбена економија во Меѓународниот институт за стратешки студии, вели дека неодамнешните зголемувања на трошоците за одбрана се исклучителни, но и дека ќе бидат потребни години за да се постигнат новите цели.

„Дури и ако Европа продолжи со ова темпо на навистина исклучителен раст (на вложувањата во одбраната – з.р), повеќе од 10 проценти во реални услови во 2024 година – сепак ќе бидат потребни уште 10 години за да достигне три проценти од БДП“, вели Мекгерти.

Франција и балтичките земји се залагаат ЕУ заеднички да се задолжува за одбраната. Исходот од таа дебата би можел да зависи од парламентарните избори во Германија следниот месец. Берлин во моментов е против оваа идеја.