НАТО влегува во војната во Украина, оцени хрватскиот претседател Милановиќ

Војната во Украина од првиот ден тргна во катастрофална насока „за што сите сме виновни“, изјави во вторникот во црногорски Тиват хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и повтори дека НАТО влегува во воениот конфликт во Украина со својата нова активност на NSATU.

„Војната тргна од првиот ден во несакана и катастрофална насока за Украина. Половина милион мажи беа убиени и осакатени, а сега што е потребно? Да се ​​убиjaт и осакатат уште 50.000? Дали тоа ќе биде доволно за да се задоволат нечии апетити? Вашингтонски, московски, дали тоа е доволно?“, праша Милановиќ, мислејќи на најновата активност на НАТО за безбедносна помош и обука за Украина (NSATU), за која претходно рече дека значи влегување во војна.

Милановиќ во вторник учествуваше на самитот на Процесот Брдо-Бриони, заедничка хрватско-словенечка иницијатива која има за цел да ја подобри соработката на земјите од Југоисточна Европа и нивниот пристап кон ЕУ.

„Сите ние – и јас чувствувам одговорност – ја турнавме Украина во катастрофална неволја. Земјата е уништена и треба да запре што е можно поскоро“, рече тој на заедничката прес-конференција по самитот на Процесот Брдо-Бриони.

Милановиќ им порача на „оние кои сакаат војна“ да ги испратат своите деца таму, додека смета дека конфликтот треба да се реши по дипломатски пат и дека „нема да заврши добро за оние што го водеа од западната страна“.

Милановиќ нагласи дека „некој сега одлучил“, повеќе од две години по руската инвазија на Украина, да го вклучи НАТО во конфликтот.

„Мисијата NSATU е мисијата со која НАТО влегува во воен конфликт. Планирањето на воените потреби од штабовите во реално време е влез во војна“, повтори хрватски претседател.

Активностите на НАТО за поддршка на безбедноста и обуката на Украина (NSATU) беа договорени на самитот во Вашингтон во јули оваа година. Мисијата ќе ја сочинуваат околу 700 членови од НАТО членки и партнерски земји, а целата операција ќе биде координирана во Визбаден, во Германија.

Конфликтот меѓу Милановиќ и владата во Загреб, која сака да испрати до пет офицери во мисијата NSATU, трае последните неколку дена. Хрватската влада тврди дека активностите ќе се вршат во база во Висбаден, аа Милановиќ дека и хрватски војници ќе одат во Украина.

„Оној што тоа го крие ја залажува јавноста, бидејќи граѓаните мора да го знаат тоа“, рече Милановиќ додавајќи дека огромното мнозинство луѓе во Хрватска долго време се против какво и да е активно вклучување во конфликтот во Украина.

Повторно рече дека нема да го потпише учеството во NSATU.

„Сѐ додека сум претседател и врховен командант нема да го потпишам, нема да дадам согласност“, нагласи уште еднаш. „Доколку има мнозинство како што е пропишано со Уставот да ја преземе оваа одговорност, нема да кажам – само напред, но нема да го прифатам“, додаде/

Помошта за обука на Украина, за која Зоран Милановиќ не дава согласност, сега оди пред хрваскиот парламент, каде за нејзино одобрување е потребно двотретинско мнозинство.

„До кој степен можеме дури и да ги обучуваме Украинците за војна по повеќе од две години крвава војна… Украинците се постдокторски соработници во ова“, праша Милановиќ.

Шефот на хрватската држава рече дека чувствува само „презир“ кон Москва, додавајќи дека за него и рускиот претседател Владимир Путин и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се „осомничени и обвинети пред Меѓународниот кривичен суд – нема разлика“.

Тој ја нарече одмаздата на Израел по нападот на Хамас на 7 октомври минатата година „дива репресија без никаква одговорност“. „Секоја чест“ за Словенија што ја призна Палестина, а Хрватска не го сторила тоа „затоа што на власт има калкуланти“, рече Милановиќ.