НАТО во понеделник ги започнува нуклеарните вежби со бомбардерите „B-52“

НАТО во петокот соопшти дека во понеделник ќе ја започне својата годишна нуклеарна вежба „Steadfast Noon“, со учество на до 60 авиони кои ќе учествуваат во тренажни летови над Белгија, Северното Море и Велика Британија за да увежбуваат користење на американските нуклеарни бомби распоредени во Европа.

Нуклеарните вежби, во кои не се вклучени вистинските нуклеарни бомби, се одржуваат среде засилените тензии и предупредувањата на Русија дека ќе ги брани својот суверенитет и интегритет со „сите расположливи средства“, што на Западот се толкува како нуклеарна закана. На тоа претходеше повикот на украинскиот претседател Владимир Зеленски превентивни нуклеарни удари против Русија, во што со слични ставови беше поддржан и од британската премиерка Лиз Трас.

„Steadfast Noon“ веројатно ќе се совпадне и со годишните нуклеарни вежби на Русија наречени „Гром“, кои вообичаено се изведуваат кон крајот на октомври кога руската армија ги тестира своите бомбардери, подморници и проектили кои можат да носат нуклеарно оружје.

Од НАТО објавија дека нивните вежби не биле поттикнати од последните тензии со Русија.

„Вежбата, којашто трае до 30-ти октомври, е рутинска, повторувачка активност на обука и не е поврзана со никакви актуелни настани во светот“, објави Алијансата на својата интернет страница, додавајќи дека нема да биде користено боево оружје.

„Оваа вежба помага да се осигури дека нуклеарното одвраќање на Алијансата останува сигурно, безбедно и ефикасно“, изјави портпаролката на НАТО, Оана Лунгеску.

Белгија е домаќин на вежбите во кои ќе учествуваат 14 земји и до 60 авиони, вклучително и најнапредните борбени авиони и американските бомбардери со долг долет „B-52“ кои ќе долетаат од базата „Минот“ во американската сојузна држава Северна Дакота, според соопштението.

Во вторникот генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, порача дека воениот блок ќе продолжи со своите вежби и покрај напнатата меѓународна ситуација. Откажувањето на вежбите поради војната во Украина би бил „многу погрешен сигнал“, изјави Столтенберг за новинарите тврдејќи дека воената сила на НАТО е најдобриот начин да се спречи натамошна ескалација на тензиите.

САД првпат распоредија некои од своите нуклеарни бомби во Европа во 1960-тите. Завршувањето на оваа програма беше високо на листата на безбедносни барања што Москва им ги претстави на САД и НАТО во декември 2021 година, кои беа отфрлени во јануари – еден месец пред ескалацијата на непријателствата во Украина.