Натпреварот меѓу Барса и Јуве откажан поради цревна инфекција на играчите

Пријателскиот фудбалски натпревар меѓу европските великани Барселона и Јувентус, кој требаше да се одигра вечерва во САД, е откажан бидејќи „значителен број“ од играчите на каталонскиот тим имаат вирусен гастроентеритис, соопшти во саботата Барселона.

Вирусен гастроентеритис или стомачен грип е цревна инфекција која се карактеризира со водеста дијареа, стомачни грчеви, гадење или повраќање, а понекогаш и треска. Најчестиот начин на развивање на вирусен гастроентеритис е контакт со заразено лице или консумирање заразена храна или вода.

Шпанскиот весник Marca објави дека дури 14 или 15 играчи имаат гастроентеритис, додека каталонски спорт споменува 10 играчи.

Барселона, актуелниот шампион на Шпанија, од средата престојува во Лос Анџелес.

Мечот со Јувентус требаше да ѝ биде прв на американската турнеја. Дуелот на стадионот „Лејвис“ во Санта Клара беше планиран во рамките на „Soccer Champions Tour“ со почеток во 19 часот и 30 минути по локално време, односно во 4,30 часот по македонско време.

Барселона за четири дена има закажан натпревар со Арсенал во Лос Анџелес, а потоа и со Реал Мадрид и Милан во другите американски градови.