Група јапонски научници соопштија во средата дека ниските концентрации на озонот може да ги неутрализираат честичките на новиот коронавирус, што би можело да се користи во болниците за дезинфекција на просториите.
Научниците од Здравствениот универзитет Фуџита на прес-конференција појаснија како докажале дека гасот озон во концентрации од 0,05 до 0,1 ппм, пшто се нивоа кои се сметаат за безопасни за луѓето, може да го убие коронавирусот.
Во опитот е користен генератор за озон во затворена комора со примерок од вирусот SARS-CoV-2. Потентноста на коронавирусот паднала за повеќе од 90 отсто кога бил изложен на ниско ниво на озон 10 часа.
„Пренесувањето на новиот коронавирус може да се намали со континуиран третман со озон во ниска концентрација, дури и во опкружувања во кои се присутни луѓе, со користење на овој вид систем. Откривме дека тоа е особено ефикасно во услови на голема влага“, изјави Такајуки Мурата, водечкиот научник во ова истражување.
Од претходно е познато дека озонот, вид молекула на кислородот, елиминира многу патогени, а претходните опити покажаа дека високите концентрации на гасот, меѓу 1 и 6 ппм, се ефикасни против коронавирусите но се потенцијално отровни за луѓето.
Неодамнешната студија на Технолошкиот институт во Џорџија покажа дека озонот може да биде ефикасен при дезинфекција на заштитните одела, очилата и другата заштитна медицинска опрема.
Универзитетската болница Фуџита, во префектурата Аичи во централна Јапонија, веќе поставила генератори на озон за да се намали заразата во чекалниците и болничките соби.
Во оваа универзитетска болница, исто така, беше извршено клиничкото испитување на лекот „Авиган“ на фармацевтската компанија „Fujifilm Holdings Corp“ кај пациенти со Covid-19.