Ново истражување покажува дека новиот коронавирус на површините од стакло, хартија, не’рѓосувачки челик и на банкнотите од новиот тип може да остане активен до 28 дена, што ја потврдува потребата за постојано миење на рацете и дезинфекцина на таквите површини, особено на екраните на мобилните телефони и сличните уреди, се наведува во студијата објавена во научното списание Virology Journal.
„На собна температура, вирусот остана активен 28 дена на мазни површини како што се пластифицираните банкноти или стакло од екран на мобилен телефон. Вирусот на грипот од типот А останал заразен под слични услови само 17 дена. Ова покажува колку е упорен SARS-CoV-2“, вели Деби Иглз од Австралискиот центар за подготвеност на болести (ACDP).
Во текот на експериментите, научниците ставиле примероци од новиот коронавирус во вештачка слуз и ги оставиле да се исушат на различни површини и при различни температури. Експерите ја прилагодиле концетрацијата на вирусните честички во согласноста со тоа колку од нив вообичаено се наоѓаат во спутумот (искашлокот) на пациентите со Covid-19. Експериментите биле спроведени во темнина, за да се исклучи влијанието на ултравиолетовото зрачење, кое негативно влијае врз вирусните честички и би го попречило објективното истражување.
Научниците поставиле примероци од вирусот на стакло, винил, не’рѓосувачки челик, памучна ткаенина, хартија и пластифицирани банкноти какви што се користат во Австралија. Овие површини биле избрани затоа што луѓето во секојдневниот живот најчесто се среќаваат со нови, како што се екраните на мобилните телефони, работните површини на бироата, облеката итн. Експеритементите биле изведувани на температури од 20, 30 и 40 Целзиусови степени.
Се покажало дека на температура од 20 Целзиусови степени, што е приближно на собната температура, вирусот останал жив во текот на 28 дена, освен на памучните ткаенини. На нив немало активни вирусни честички веќе две седмици по почетокот на експериментот. Колку што била повисока температурата во текот на експериментот, толку покусо време вирусот бил активен. На пример, при температура од 30 Целзиусови степени, на челикот, стаклото и пластифицираните банкноти SARS-CoV-2 издржал само седум дена, а на винил или памук само три дена. На температура од 40 Целзиусови степени, пак, вирусот не можел да опстои на памучна ткаенина дури ниту еден ден, а на другите површини бил активен не повеќе од два дена.
Научниците се надеваат дека резултатите од нивното истражување може да се искористат за намалување на ризикот од коронаинфекции на јавните места.