![Gjorgji-Ilievski](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2021/10/Gjorgji-Ilievski-1.jpg?resize=640%2C414&ssl=1)
Со ова мое пишување сакам да се придружам кон сите оние научни институции кои пишуват за образованието и системите на воспитанието и образованието.
Опстојбата на македонската општественост се должи исклучиво на образованието, на континуираното духовно и културно просветување, од првиот Светиклиментов универзитет, преку македонската преродба во 19 век, до обновувањето на МПЦ и формирањето на УКИМ и МАНУ. Климент Охридски им велел на своите ученици:
„Чувајте го ова што ви го давам! И запомнете – ви го давам за вие понатаму да го давате на народот. И да го браните од туѓинци. А, најубаво ќе го одбраните кога нема да посегате по туѓото, зашто тој што се лакоми по туѓото, го губи и своето!“.
Да не го заборавиме и аманетот на Блаже Конески, дека:
„Јазикот е нашата единствена татковина“.
Но, и на големиот Петре М Андреевски:
„Без јазикот ќе си недостигаме самите на себе, оти само јазикот никогаш не не’ оставил сами и тој памети многу повеќе отколку што ние можеме да забораваме“.
Овие аманети не треба да се заборават, туку, да се негуваат и опстојат, како што опстоиле низ вековите.
Во врска со тоа, професорот Андоновски пишува:
„Затоа, придавката е се’. Живот без придавки е живот без својства. Кој се откажал од придавките, се откажал од придавките „македонски/а/о“, кои опстојувале повеќе векови, денес оркестрирано и синхронизирано се негираат од повеќето македонски институции“.
Реформите во образованието. Стожерот на секое општество, образованието во Македонија веќе подолго време е подложен на постепено деградирање, уништување, за денес , за жал, да може да се констатира дека образованието е претворено во пепел, пеплосано… Во Македонија реформите во образованието се толкуваат многу повеќе како средство за постигнување определени политички цели, отколку како механизам за негување на демократските општествени односи, промоција на граѓанското општество, интелектуалноста и колективниот одговор на кризите коишто се длабоко вкоренети во нашите економски, социјални и политички системи.
Така што, во рамките на формалниот систем на воспитанието и образованието во Македонија, постојните подсистеми, односно степени како што се:
- Предучилишно воспитание и образование
- Основно воспитание и образование
- Средно образование
- Високо образование и
- Образование на возрасните, истите треба научно да се преиспитаат и усовршат. Па така:
Предучилишното воспитание и образование во системот на воспитанието и образованието е специфичен во однос на другите подсистеми. Долги години, предучилишното воспитание и образование, не е третирано како составен дел на системот или постоело само декларативно определено предучилишното воспитание да се стави во системот, додека во пракса е укажувано на поинаков однос на овој подсистем во однос на другите. Согласно стручно-научните сознанија од развиените земји и воспитно-образовните системи, го наоѓаат своето место во системот на воспитанието и образованието за што станува примарен и почетен степен на системот на воспитанието и образованието. Само да се констатира дека Македонија, нема Закон за предучилишно воспитание и образование, како Србија, Хрватска, Бугарија, Словенија, туку се третира во Законот за заштита на децата со Програмски активности за ран детски развој, само по себе тоа е нон сен, парадокс што има дисконтинуитет, неповрзаност, односно нема функционална поврзаност со основното воспитание и образование. Тоа го потврдуваат најновите научни достигнувања и истражувања за улогата и значењето на раното учење врз целокупниот развој на личноста. Затоа е од потреба Закон за предучилишно воспитание и образование и да се интегрира со Министерството за образование и наука и да стане интегрален дел од единствениот воспитно-образовен систем.
Во делот на реформите во основното образование, тие треба да тргнат од реформација на наставникот, кое е неговото место, улога, значење и интегритет на наставникот, како клучен фактор во образовниот систем, преку модернизирање на наставните програми и нивно приспособување со потребите на новото време и усогласување со возраста на учениците и способноста за апсорпција на знаењата, напуштање на практиката на некритичко преземање на наставните програми од други земји, развој на креативното размислување и учење на децата од најмала возраст.
Така, и т.н. Концепцијата сега што ја турка Цароска за Основното воспитание и образование, иако критикувана и оспорувана од УКИМ, МАНУ и другите институции, продолжува да се имплементира. Да, во Македонија се потребни реформи во образованието, но ослободени од наметнатите политички стеги, кои ќе бидат транспарентни, постепени и ќе водат сметка за целиот образовен систем.
Еден од најургентните проблеми во средното образование е отсуство, односно лоша конципираност на системот на дуалното образование, што детерминира негова неусогласеност со пазарот на трудот. Колку е значаен овој проблем (дуално образование) потврдува фактот, што во последниве неколку години, нашиот макаденски пазар на труд побарувал и планирал 12.580 вработувања, од кои дури 63,5% се работни места за кои е потребна средна стручна подготовка. Соодветен квалификуван кадар со средно образование, со знаења, умеења и вештини, тешко се наоѓа-тоа е проблем што постојано го истакнуваат менаџерите на странските компании во земјата. За ова тие предлагаат соодветни мерки за развој на дуални програми во системот на средното образование.
Во делот на подсистемот на високото образование и науката во Македонија, состојбите се алармантни. Само кога ќе се напомене дека на подрачјето на Република Македонија, не постои научна институција која го третира, проучува и истражува образованието. Не функционира Агенцијата за квалитет на високото образование. Не функционира Националниот совет за високо образование. Евидентен е процесот на намалување на научно-истражувачките капацитети, изразени преку стагнација во обновувањето на наставен научен кадар, замирање на институтската работа, гаснење на истражувачките јадра во стопанството и непостоење на соодветна научна инфраструктура. Хипертрофија на универзитетска мрежа-24 универзитети со над 130 факултети и над 600 студиски програми, без добро подготвена аналитичко-предвидувачка основа, посебно од аспект на критериумите и стандардите на квалитет и на потребите на пазарот на трудот. Додека во ЕУ јавните вложувања во образованието изнесуваат околу 5% од БДП, а во земјите од регионот околу 4%, показателот за Македонија е под просек во регионот. Индикаторот за научно-истражувачката интензивност, односно вложување во науката изнесува само 0,22% и е меѓу најниските во регионот.
Образованието е во криза. Образовните системи се комплексни системи во кои реформите треба да се прават внимателно, водејќи сметка не само за определениот степен на општествениот развој во земјата, туку и за образовните системи во соседството и пошироко во светот.
Во моментов, образовниот систем во Македонија го тресат голем број скандали од обелоденувањето на квазинаучни трудови и препишување, трудови што се целосно плагијати, фалсификат дипломи, до непотребните заеми од Светска банка за небулозни, безпредметни и некорисни проекти. Всушност, образовниот систем во Македонија, само ја отсликува македонската политичка стварност. Така, во многу сегменти од образованието, сведоци сме на неспособност, безаконие, неорганизираност, корупција, малверзација, злоупотреба, сервилност, дефетизам, недостиг на контрола, непотизам и задоволување на партиските интереси. Образованието во Македонија е во криза, а деградацијата на образованието, е застрашувачка.
Автор: Ѓорѓи Илиевски Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес