Ни претставува чест и задоволство да Ве информираме дека по повод патрониот празник и одбележувањето на големиот јубилеј – 1100 години од упокојувањето на Свети Климент Охридски, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, ја организира 9-та Научна средба на тема „Свети Климент Охридски – 1100 години духовен светилник“.
Научната средба ќе се одржи утре во НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје, со почеток во 11 часот, а модератор на средбата ќе биде доц. д-р Дејан Борисов, ѓакон. На средбата ќе земат учество еминентните професори и познавачи на делото на големиот просветител Свети Климент Охридски, д-р Стојан Ристески, проф. д-р Елизабета Димитрова, проф д-р Ѓоко Ѓорѓевски, Милош Линдро и м-р Ана Ѓорѓевиќ.
Во рамки на свеченоста ќе биде отворена и изложба на избрани публикации со текстови од Свети Климент Охридски и книги и статии посветени на неговото творештво објавени во Македонија и странство, заедно со неколку уметнички дела на кои е претставен Свети Климент Охридски. На денот на отворањето на изложбата посетителите ќе имаат ексклузивна можност да го видат и старословенскиот ракопис Струшки зборник со творба од Свети Климент Охридски од средината на 16-от век.
На свеченоста поздравна реч ќе има д-р Иван К. Заров, директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“. Програмата ќе ја збогати Византискиот женски црковен хор од црквата св. Петка во Скопје со нивниот настап.
Големиот празник ќе биде искористен и за доделување на традиционалните награди во знак на почит кон вработените за долгогодишното споделување на заедничките моменти во Библиотеката, а ќе биде положено и цвеќе на споменикот на свети Климент Охридски во дворот на нашата институција.